Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков денеска присуствуваше на порибувањето на Охридското Езеро со ендемичниот вид охридска пастрмка. Станува збор за триста илјади единки со должина од седум до осум сантиметри и тежина 2,5 до три грама, подмладок изведен од првото измолзување пастрмка спроведено на 17 јануари оваа година.
Министерот Цветков при посетата на Хидробиолошкиот завод во Охрид потсети дека за годинешното порибување на езерото со ендемичен вид охридска пастрмка се издвоени средства во износ од 7,5 милиони денари, за излов, одгледување и порибување со околу 2,4 милиони единки пастрмка.
Цветков забележа дека независно колкави се напорите на македонската страна во заштитата на охридската пастрмка, успех во обновувањето на рибниот фонд во езерото може да се постигне само доколку такви мерки се спроведуваат и на албанскиот дел.
– Албанската страна презема определени активности, но се уште се далеку зад нас, односно не е уредено управувањето со рибниот фонд во езерото, рече минситерот Цветков појаснувајќи дека уште во јануари требало да отпочнат со работа заеднички комисии што ќе работат за заштита на пастрмката, но тоа не е сторено поради неподготвеност на албанската страна.
Истовремено тој нагласи дека независно резултатите, иницијативите за соработка во насока на заштита на рибниот фонд ќе продолжат, како со колегите од Албанија, така и со концесионерите, како и со нови мерки за што подобра заштита на рибниот фонд.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.