Телата на двете машки лица, кои со прострелни рани вчера се пронајдени во возило на патот Драчево – Количани, се предадени на обдукција.
Јавното обвинителство денеска информира дека веднаш по јавувањето од случаен минувач, извршен е увид на местото од страна на јавен обвинител, екипа на Министерството за внатрешни работи и од Институтот за судска медицина и за криминалистика.
Во возилото до едно од лицата е пронајден и пиштол 7,52 ТТ.
– Ќе следува и донесување наредби за вештачења на оружјето, на истреланите проектили, како и на сите пронајдени траги на местото на настанот – се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.
Полицијата потврди дека синоќа околу 19 часот во возило марка „ровер 75“ со охридски таблички во нива кај селото Долно Количани се пронајдени две машки лица со прострелни рани. Полицијата информира дека е идентификуван возачот на „роверот“ Светислав Р. (1987) од Кичево, кој вчера бил пријавен за исчезнат, а се работи на идентификување на второто лице.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



