Околу 2,5 хектари багремова шума изгореа вчера близу населеното место Домачки Дол кај Крива Паланка.
Како што информира територијална противпожарна единица која интервенираше веднаш за локализација на пожарот, во опасност биле и 40-тина кошници со пчелни семејства кои се наоѓале во непосредна близина.
– Со екипа од едно возило и двајца пожарникари за три минути излеговме на терен по дојавата за запалена листопадна шума во месноста „Златина падина“, близу Домачки Дол. Пожарот кој зафати поголема површина, го гасневме заедно со подрачната единица на Јавното претпријатие „Македонски шуми“, шумското стопанство „Осогово“ и десетина жители од месното население – изјави Иле Коцевски , командир на територијална противпожарна единица Крива Паланка.
Според него, станува збор за опожарен сув багрем кој е многу горлив и лесно запаллив. Поради опасноста од повторно разгорување на пожарот екипи на шумското стопанство „Осогово“ дежураа на терен.
Ова е 14-та интервенција на пожарникарите од Крива Паланка во август годинава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.