| четврток, 6 декември 2018 |

Четиринаесетто издание на Фестивалот на античка драма „Стоби 2015“

Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби 2015“, ќе се одржи од 8 до 22 септември по 14. пат.

Зоран Љутков, директор на фестивалот, „Стоби 2015“, соопшти дека Фестивалот свечено ќе биде отворен со концерт на Тони Китановски трио. Годинава, наместо во античкиот амфитеатарот на древниот Стоби, поради негова реконструкција, фестивалот на античка драма „Стоби 2015“ ќе се одржи во салата на новата театарска зграда во Велес и наместо во јули првпат ќе се одржи во септември.

– Како новина на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби 2015“ годинава ќе има и тркалезна маса, односно дебата за претставите, што е практика на ваквите фестивали – појасни Зоран Љутков.

Со „Антигона“ на малата сцена на велешкиот театар на 8 септември ќе настапи театарот од Турција, во која ќе настапат и двајца македонски актери кои студираат на државниот конзорциум при Истанбулскиот универзитет.

На 10 септември на фестивалот ќе гостува „Ројс Денс компани“ од Грција со претставата „Античка крв“ која е прва премиера, а по премиерната изведба деновиве ќе се одигра на островот Свети Ахил во Преспа. Инаку, оваа театарска група на фестивалот во Стоби во 2009 го изведе спектаклот „Електра“.

На 13 септември ќе биде изведена претставата „Електра“ во режија на Лајтис Василу, на театарот Александар Мојсиу од Албанија.

На 15 септември ќе биде изведена претставата „Прометеј“во режија на Дејан Пројковски, на Турскиот театар од Скопје.

На 17 септември Театарот „Комедија“ од Скопје ќе настапи со „Лисистрата“ во режија на Наташа Поплавска, а на 19 септември е „Електра“ на МНТ.

На 20 септември ќе биде изведена претставата „Федра“ по текст на Сашо Димовски, а во режија на Александар Ивановски. Во претставата играат Васил Зафирчев од велешкиот театари и Маруша Облак. Инаку претставата е копродукција на НУ Центар за култура „Јордан Х.К.-Џинот“ од Велес и Словенско Младинско Гледалишче од Словенија.

На фестивалот кој има натреварувачки карактер ќе се натпреваруваат седум, од осумтте претстави, а последната „Крал Иби“ со настап на велешкиот театар на 22 септември на затворањето ќе биде надвор од конкуренција, а во чест на наградените.

Инаку, и годинава на фестивалот ќе бидат доделени наградите „Гран при“ за најдобра претстава, наградите за најдобра женска и машка улога и најдобра режија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top