Доколку Конгресот на САД го отфрли договорот меѓу шесте светски сили и Иран, тоа би можело да значи дека „последната варијанта за дејствување е воена операција“, изјави американскиот претседател Барак Обама во интервју за списанието „Форвард“.
– Притоа таквата ситуација може да се случи не за време на мојата, туку во текот на следната администрација, истакна Обама, додавајќи дека тој фактор треба да се земе предвид при дискусијата за договорот во Конгресот.
Според американскиот претседател, доколку САД го отфрлат договорот, не треба да се очекува дека Кинезите, Русите, Индијците или Јапонците ќе се согласат да ги остават активни санкциите против Иран.
Обама нагласи дека тој и меѓународната заедница сметаат оти договорот е корисен и не се согласува со оние што се против него.
Во интервјуто Обама категорично ги отфрли и обвинувањата против него за антисемитизам, откако Израел упати остри критики за договорот со Техеран. Американскиот претседател изрази загриженост поради нападите врз Евреи кои го поддржуваат документот со Техеран.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.