| четврток, 6 декември 2018 |

Министерот Попоски ќе учествува на Бледскиот стратешки форум

 poposki
Министерот за надворешни работи Никола Попоски ќе учествува на Бледскиот стратешки форум, кој ќе се одржи денеска и утре во Блед, Република Словенија.Како што соопшти МНР, форумот, кој се одржува по 10-ти пат, оваа година ќе биде под насловот, „Визии на нови партнерства“, а воведни обраќања ќе имаат претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, претседателот на земјата домаќин, Борут Пахор, претставникот на генералниот секретар на ОН, Кристијан Фрис Бах,  премиерот на Големото војводство Луксембург, Ксавиер Бетел, претседателката на Хрватска, Колинда Грабар Китаровиќ,  претседателот на Владата на Србија, Александар Вучиќ и генералниот секретар на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, Ламберто Заниер.

Министерот Попоски ќе учествува на панел дискусијата „Западен Балкан: Регионот во центарот на геостратешки размислувања”, во рамки на кој ќе се обратат и шефовите на дипломатиите на Албанија Дитмир Бушати, на Турција Мевљут Чавашоглу, на Босна и Херцеговина Игор Црнадак, на Бугарија Даниел Митов, на Унгарија Петер Сијарто, вицепремиерот и министер за надворешни работи на Косово Хашим Тачи. Пред присутните ќе говорат и заменик помошникот државен секретар за европски и евроазиски односи во Стејт-департментот Хојт Ји, германскиот државен министер за европски прашања Михаел Рот, министерот за европски односи на Француска Република Арлем Дезир, како и директорот за истражување и професор на францускиот Центар за меѓународни студии, Жак Рупник.

На маргините на форумот, предвидени се и билатерални средби на министерот Попоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top