Откупувачите на грозје и лозарите постигнаа договор за минималната откупна цена на килограм винско грозје на денешниот состанок во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство што се одржа под медијаторство на министерот Михаил Цветков.
Како што информираат од МЗШВ, договорено е минималната цена за откуп на сортата грозје Вранец со 19 шеќерни единици да биде 13 денари за килограм. Покрај тоа, договорена е и цена од 0,68 денари по шеќерна единица, која ќе се користи при пресметка на откупна цена за сортата Вранец во случај кога производителите на грозје ќе предадат грозје со повисока или пониска вредност од 19 шеќерни единици.
Минимална цена, пак, за откуп на сортата Смедеревка со 17 шеќерни единици ќе биде 11 денари за килограми и 0,64 денари по шеќерна единица, која ќе се користи при пресметка на откупна цена во случај кога производителите ќе предадат грозје Смедеревка со повисока или пониска вредност од 17 шеќерни единици.
– Сите откупувачи на грозје и винарски визби, откупните цени согласно договорените минимални цени и цените по шеќерна единица ќе ги истакнат на видно место на своите откупни пунктови. Цената на винското грозје од т.н. висококвалитетни сорти во секој случај ќе биде повисока од договорените цени за сортите Вранец и Смедеревка и ќе се утврдува во договор помеѓу производителите на грозје и откупувачите / винарските визби, соопшти МЗШВ.
Оттаму посочуваат дека исплатата на откупеното винско грозје ќе биде во законски утврдениот рок согласно Законот за виното.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Зоран Заев во Кавадарци: Грозјето не е од татко ми или дедо ми, мора да се цени трудот на лозарите
-
Исповед: Да го знаев ова мојот син денеска ќе беше жив, во еден момент јадеше грозје, во другиот се случи трагедија (видео)
-
Жешкото ги исуши лозјата
-
Лозарите ја добиваат првата рата, винариите го откупуваат грозјето во Повардарието