| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Олумчева ќе го исполни она што го ветува

олумчеваВечерва сме собрани да ѝ дадеме силна поддршка на идната градоначалничка на Богданци, Анастасија Олумчева, и да му се придружиме на пoбедничкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски на вечерашниот митинг во Богданци.

– Заедно можеме да направиме повеќе дела бидејќи Македонија се сака со дела и Богданци се сака со дела. Решивме да ѝ дадеме можност на Олумчева, која е млада, но зрела личност, која внимава што збори и ветува затоа што сака да го исполни она што го ветува. По професија е архитект и добро ја познава работата што е главна во општините, а тоа е изградба на дела – порача Груевски.

Тој посочи дека внимателно ја подготвувале програмата за општина Богданци, која ќе има многу проекти кои се најприоритетни за граѓаните, а располага со ограничен буџет.

Главна цел, потенцира, е да се отворат нови работни места. Во тој контекст додаде, во индустриската зона во близина на Стојаково веќе се гради земјоделски откупен центар. Оцени оти има интерес и луѓе што сакаат да вложуваат и да вработуваат луѓе, но вели дека е потребно само да се создадат услови.

Нагласи дека претходните градоначалници на Богданци од редовите на СДСМ ја направиле општината, според него, можеби најзадолжена по жител и  ја оставиле со долгови од 1,6 милион евра, кои актуелниот градоначалник Ристо Ичков успеал речиси целосно да ги врати. Останатиот долг од 180 илјади евра, посочи, ќе биде вратен веднаш кога ќе се платат комуналиите за ветерниот парк. За приоритетни проекти во наредните четири години ги наведе реконструкција на регионалниот пат Богданци – Гевгелија со поддршка на Владата, завршување на проектот за водоснабдување „Ѓавато“, уредување на просторот кај туриситичкиот центар „Паљурци“, изградба на спортски сали, повеќенаменски игралишта …

Кандидатот за градоначаланик на коалицијата „За подобра Македонија“, Анастасија Олумчева, порача дека има нова визија за Богданци.

– Имам капацитет, визија и програма и од сѐ срце сакам оваа општина да добие нов лик. Затоа, ве повикувам да излезете и да гласате за дела кои ќе ви го подобрат животот – рече Олумчева.

На богданчани вечерва им се обрати и германскиот европартеник Берн Поселт, кој им порача дека местото на Македонија е во ЕУ. Тој истакна дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, има визија како Македонија да оди напред и рече дека веднаш откако ќе биде надмината пречката за интеграција во ЕУ, земјата ќе биде многу поподготвена од останатите кандидати за членство.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top