| четврток, 6 декември 2018 |

Нови 100 милиони евра од државниот буџет за стопанството

zoran-stavrevski-minister

Нови 100 милиони евра кредит со каматна стапка од 5,5 проценти планира да обезбеди Владата за поддршка на стопанството. Како што соопшти денеска вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, Европската инвестициска банка (ЕИБ) е веќе контактирана и има добри шанси да го одобри заемот.  Средствата, напомена Ставрески, ќе бидат наменети за малите и за средните претпријатија.

Министерот на бизнисмените од Куманово, со кои се сретна претпладнево, им порача поактивно да ја користат евтината кредитна линија од Европската банка со камата од 5,5 проценти.

– Засега 50 милиони евра од 100-те милиони што се на располагање се искористени од страна на малите и на средните претпријатија, а идната недела уште 12 милиони евра ќе бидат искористени од 50 фирми. Кумановските компании се добредојдени да се обратат во Македонската банка за поддршка на развојот и да искористат дел од овие средства бидејќи нема поповолни средства на пазарот од овие со 5,5 проценти каматна стапка што ја субвенционира Владата – истакна Ставрески.

Во текот на разговорите со стопанствениците станало збор за можностите Владата да го помогне натамошниот економски развој на Куманово и да реализира заеднички политики со локалната самоуправа во оваа насока.

– Стопанствениците искажаа задоволство од досегашната политика на Владата во делот на одржувањето најниски даноци во Европа, во делот на намалувањето на бирократијата, во делот на финансиската поддршка преку евтини кредитни линии – посочи министерот.

На локално ниво, додаде, приоритетно е довршувањето на постојните индустриски зони, доуредувањето од аспект на инфраструктурата, како и градење нова индустриска зона со цел забрзување на економскиот развој на општината за што Владата ќе обезбеди финансиска поддршка.

– Владата ќе ја поддржува општината за да се забрза изградбата на индустриски зони бидејќи тоа е иднината на Куманово и на сите градови во Македонија и тоа е политиката на Владата, секаде, во секој град да има по 2-3 индустриски зони во кои мали фирми со по 10, 20 вработени ќе просперираат, ќе работат успешно и ќе имаат услови за работа, а тоа пак ќе помогне во создавањето работни места – нагласи Ставрески.

Кандидатот за градоначалник на Куманово, Зоран Ѓорѓиевски, кој го придружуваше вицепремиерот, рече дека еден од најзначајните сегменти во неговата програма е локалниот економски развој.

– Куманово, од индустриски најразвиен град, сега е прв по невработеност. Нашата прва обврска ќе биде тоа да го смениме, да ја намалиме невработеноста, да им ги решиме проблемите на кумановци – изјави Ѓорѓиевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top