Паула Бозалонго е годинашен лауреат на наградата „Мостови на Струга“ која се доделува за дебитантска стихозбирка. Нејзината наградена стихозбирка ја претстави Марта Марковска на истекот на Дрим.
Паулае родена на 15 април 1991 година во Гранада, Шпанија. Студира архитектура во Мадрид. За нејзината книга Декември и се бакнавме е добитник на престижната награда на едицијата „Хиперион“ во Шпанија, која веќе 30 години се доделува за поетски ракопис од млад автор. Нејзините песни се објавени во значајни книжевни списанија, не само во нејзината родна земја, туку и во други земји во светот. Нејзината дебитантска книга Декември и се бакнавме низ 26-те песни поделени во два дела донесува поетски јазик од кој зрачи особен сензибилитет, необременет од некаква вратоломна реторика, експериментален или метафоричен израз. Тоа е поезија која носи рефлексии на извесни несигурности и стравови, неодлучности во потрагата по блискост. Тоа ни најмалку не е некаква старомодна сентименталност, туку одухотворен израз на интимноста кој носи искреност изразена на еден особен начин, полна со евокативни слики натопени дури и со влијанијата на архитектурата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.