Откако го освои градот Харбал во северна Сирија, Исламска држава ја зацврсти опсадата на бунтовничкиот град Мари. Терористичката група зазеде нови територии од сириските бунтовници, кои се поддржани од САД, напредувајќи кон областа од која Турција и САД планираат да почнат нов фронт против групата.
Жестоките напади на ИСИС врз бунтовниците од Слободната сириска армија почнале во текот на ноќта, а екстремистите го опколиле овој град на само 20 километри од границата со Турција.
„Борбите почнаа во текот на ноќта… и бунтовниците мораа да се повлечат“, рекол еден од бунтовничките команданти. „Борците на ИСИС беа многу повеќе од нас и имаа доволно оружје за да победат. Тие исто така беа и подобро организирани од нас.“
„Ако продолжи нивниот напредок, целата северна област на Алепо може да падне“, рече еден од борците од Мари за Ројтерс.
Сириската опсерваторија за човекови права, со седиште во Лондон, која го следи развојот на борбите, соопшти дека ИСИС освоила пет села, меѓу кои и две во близина на турската граница.
Сега кога Исламска држава се избори за нови територии во северна Сирија, сè поверојатно е дека Турција и САД заедно ќе отворат нов фронт против екстремистичката група. Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Кавусоглу во понеделникот за Ројтерс рече дека двата НАТО-партнери ќе почнат „опсежни“ воздушни напади за да ја збришат ИСИС од пограничниот регион.
Откако Турција ги објави плановите да ја избркаат групата од таа област, ИСИС ги засили нападите против сириските бунтовници кај северно Алепо.
Нусра фронт, терористичка група што е непријателски расположена кон Исламска држава, соопшти дека ќе се повлече од подрачјето каде што Турција планира да воспостави тампон-зона.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.