| четврток, 6 декември 2018 |

Конференција во Охрид за мигрантската криза

Бранот мигранти ќе продолжи да се зголемува и во наредните месеци, предупредуваат меѓународни експерти по безбедност. Според нив бегалската криза со која се соочува и нашата земја, претставува глобална безбедносна закана која заслужува поголемо внимание од меѓународната заедница, објави „Телма“.

-Прашањето на мигрантите е светски проблем, кој заслужува внимание не само од земјите на  Западен Балкан и ЕУ, туку и од ОН. Трагично е да се гледаат овие луѓе кои одат од граница до граница без сигурност дека ќе стигнат до нивната цел. Македонија  направи многу за да им помогне на мигрантите, но овој проблем треба да се реши на поинаков начин, вели Џејмс Шерока, универзитетски професор од САД.

– Нема знаци дека миграцијата ќе запре, што значи дека напливот ќе расте. Овој проблем може да се реши само со заеднички одговор на ЕУ, но не само на земјите членки на унијата, туку и на земјите партнери, смета Давид Горонбеи од унгарското МНР.

Кризата со мигрантите која се посилно ја чувствува Македонија ги покажа слабостите на државата во справување со ваквите закани, укажуваат стручњаците, според кои, на земјата и е неопходна меѓународна помош.

-Мора да има подобра координација како помеѓу државните органи, различните министерства така и со соседните земји односно меѓународната заедница за справување со ова прашање бидејќи Македонија сама не ќе може да се справи со една ваква закана,истакна универзитетскиот професор Стојан Славески од Маршал центарот.

Во организација на Маршал центарот Македонија и НАТО во Охрид се одржува дводневна конференција на која се разговара  за транснационалните закани со фокус на мигрантската криза,  на која ќе бидат усвоени препораки за подобрување на безбедносните капацитети на државите членки на алијансата и нејзините партнери за справување со современите предизвици.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top