Црвениот крст на Македонија соопшти дека денеска ја почнува втората дистрибуција на хуманитарна помош за настраданото население од полавите во Тетово и околината. Помошта се состои од 200 пакети храна, 150 пакети средства за хигиена, 250 ќебиња и вода за пиење.
Заклучно со 25.08.2015 година преку донаторските телефонски линии од трите оператори во Република Македонија обезбедена е парична помош во вкупен износ од 1.039.500 денари. На сметката на Фондот на солидарност на Црвениот крст на Македонија уплатени се вкупно 1.646.403 денари. Во досегашниот период во хуманитарната акција на Црвениот крст обезбедена е помош од повеќе донатори, правни субјекти и граѓани. Поддршка во акцијата дадоа и Aмериканска амбасада во Скопје и Црвениот крст на Албанија.
Акцијата продолжува и ќе трае до 31 август 2015 година. Помошта во средства за хигиена (средства за дезинфекција) и храна може да се предаде во магацините на Црвениот крст во Момин Поток од 08,00 до 16,00 часот (контакт тел: 3 096 227), и магацинот на Црвен крст во Тетово на ул. „Фрушанска“ бб. (контакт тел. 070 706 255).
Заинтересираните правни субјекти и граѓани можат да се вклучат и со обезбедување на парична помош на сметката на Фонд на солидарност 300000001327966 ДБ 4030984271620 – Комерцијална банка, како и со сонирање на 100 денари со повик на телефоните: 075/070/077 143 400.
Црвениот крст на РМ донираните парични средства ќе ги насочи наменски за помош на настраданото население од поплавите.
Црвениот крст информира дека активно е вклучен и во обезбедување помош на мигрантите кои транзитираат низ Македонија. Седум мобилни тима составени од лекари, парамедици, логистика и волонтери 24 часа обезбедуваат поддршка на мигрантите на граничните премини кај Гевгелија и Табановце.
Исто така, секојдневно се обезбедува и помош во средства за хигиена, храна и вода за пиење.
Поддршка за мигрантите обезбедија и неколку компании од земјата. За мигрантите секој ден се подготвуваат и сендвичи со донација на производи од неколку компании, соопшти Црвениот крст на Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.