| четврток, 6 декември 2018 |

Граѓаните одолговлекуваат- Легализирани третина од дивоградбите, а рокот истекува за четири месеци

divogradbiУште од сега е многу извесно дека на општинските шалтери на кои се предаваат документите за легализација на дивоградби, пред крајот на годината ќе има големи метежи и турканици, пишува „Вечер“. Рокот за комплетирање на барањата за легализација на дивоградбите, кои се поднесени уште во 2011 година, завршува за четири месеци, на крајот на декември, а од вкупно околу 360 илјади барања, досега целата процедура со издавање имотни листови е заокружена за нешто повеќе од една третина, или за само 130.000.

На најголемиот број баратели на правен статус на бесправно изградениот објект во документацијата предадена во надлежната општина им недостасува геодетски елаборат, единствениот документ за кој треба да се издвојат малку повеќе пари, со оглед на тоа што легализацијата чини едно евро за квадратен метар. Рокот за доставување на елаборатите во неколку наврати е пролонгиран, намалена е и нивната цена, но ефектите, судејќи според бројот на сопствениците на дивоградби кои ја завршите целата процедура, не ги дава саканите ефекти. Цената на геодетскиот елаборат за објект од 100 квадрати од 4.100 лани е намалена на 3.688 денари, додека за куќа од 300 квадратни метри е симната од 8.000 на 7.332 денари.

Незаинтересираноста на граѓаните да ја завршат оваа обврска геодетите ја објаснуваат со нашиот менталитет се да се завршува во последен момент. Како што се приближува крајниот рок за комплетирање на документите во општините, така геодетите очекуваат поголем наплив на барања за изработка на елаборати, но предупредуваат дека тоа е процес што бара повеќе време, па можно е некои елаборати да останат неизработени до крајниот рок, 31 декември.

Веќе една година елаборатите за примателите на социјална помош и лицата чии бруто лични примања на годишно ниво не надминуваат 168 илјади денари бесплатно ги изработува Агенцијата за катастар на недвижности. Според процените, барања за легализација на дивоградби поднеле околу 20.000 лица кои спаѓаат во социјално ранливите категории, а досега Катастарот примил само околу четири илјади барања за изработка на бесплатни елаборати, што значи дека и во овој дел има големо потфрлување.

– Ова е една од новините што се применува од лани, веќе една години. Агенцијата за катастар на недвижности примила околу 4.000 барања, кои ги процесира и еден примерок доставува до соодветната општина за да донесе решение за легализација. Апелирам да се искористи оваа шанса од оваа категорија на граѓани, бидејќи рокот за поднесување барања за елаборатите и за нив е 31 декември годинава. Тоа значи дека има уште неколку месеци да се поднесат овие барања до катастарот и да се изготват бесплатните елаборати, вели директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески.

Работите не стојат подобро ни со легализацијата на инфраструктурни објекти, како што се патишта, железници, жичници, терминали, гранични премини, водоводи и канализации електрични водови, нафтоводи, гасоводи, топловоди, електронски комуникациски мрежи, телекомуникациска опрема и слично. Трпески информира дека од вкупно 360.000 поднесени барања за сите видови дивоградби, поднесени се само 2.592 барања за легализација на инфраструктурни објекти, па затоа рокот е продолжен.

– Ова е многу мал број барања поднесени во рокот од март до септември 2011 година. Затоа ова лето се промени регулативата за легализација на дивоградби и се даде нов рок за имателите на овие инфраструктури, а тоа е 31 декември оваа година. Причина за продолжување на рокот за поднесување барања за легализација на инфраструктурните објекти е тоа што во моментот на донесување на Законот за легализација на дивите градби не постоеше катастар на инфраструктурни објекти Поради тоа голем број иматели на такви објекти немаа поднесено барања, вели Трпески и објаснува дека имателите на инфраструктурни објекти без имотен лист се главно фирми, но можно е меѓу нив да има и граѓани, а законот за дивоградбите подеднакво важи и за нив.

Со поместување на рокот за поднесување на барањата за легализација на инфраструктурата, поместен е и рокот за изработка на геодетските елаборати за неа, до 31 декември 2016 година.
Инаку, меѓу 130.000 легализирани дивоградби, само две се инфраструктура.

– Потсетувам на законската обврска на сите иматели на инфраструктурни објекти дека најдоцна до 24 април 2016 година до катастарот треба да достават пријави за запишување, односно евидентирање на 40 отсто од објектите со кои располагаат, а најдоцна до 24 април 2018 година да достават пријави за евидентирање на останатите 60 проценти од инфраструктурните објекти, информира Трпески.

Инфраструктурниот катастар функционира шест месеци. Во него се впишани 855 објекти, од кои 80 се оптички кабли, бакарни кабли, ски лифтови и друго, а останатите се базни станици.
Владата подготвува нови поволности за сопствениците на инфраструктура. Со измени на Законот за катастар на недвижности, кои веќе го поминаа владиниот филтер, по принцип на недвижнините, инфраструктурниот објект ќе се предбележува во имотниот лист уште кога надлежната општина ќе го даде одобрението за градење. Со тоа, сопственикот ќе може веднаш да го даде под хипотека и да земе заем од банка за да ја реализира неговата изградба.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top