| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Зошто СДСМ ако тврди дека ќе победи на избори не прифати прелог за плус 17 пратеници?

gruevski tetoveПремиерот Никола Груевски е зачуден како СДСМ како партија која се прокламира дека ќе биде победничка на претсојните избори не прифаќа модел со кој победникот би добил дополнителни 17 пратенички места за формирање стабилна влада и истакна дека јавноста ќе оцени зошто таа го прави тоа.

– Вчера опозицијата експресно го одби предлогот за дополнителни пратеници на победничката партија заради стабилна влада. Мене ме чуди зошто тоа го направија, зошто тоа го прави партијата која самата прокламира дека ќе биде победничка. Доколку самата се прокламира дека ќе биде победничка на тие избори еве ние и даваме можност откако ќе победи да добие плус 17 пратеници гратис за да формира стабилна влада. Тие тоа го одбиваат, дали затоа што реално не веруваат дека ќе победат, или нешто друго е во прашање нека процени јавноста за тоа, изјави денеска премиерот Никола Груевски одговарајќи на новинарско прашање по пуштањето во употреба на спортска сала на ДУТ во Тетово.

Тој не гледа никаква поврзаност на мнозинскиот модел кој го предложи ВМРО-ДПМНЕ со евентуален попис.

–  Не гледам што е поврзаноста на мнозинскиот модел и  пописот, или, пак, поврзување на пописот со другиот, пропорционален модел. И за едниот и за другиот позитивно би било доколку има попис, но и без попис работите се одвиваат со една нормална динамика. Пописот и моделот немаат никаква корелација. Тоа е изговор којшто нема длабок корен, потенцира премиерот Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top