| четврток, 6 декември 2018 |

Денеска започнува ракометниот турнир „Вардар“

Денеска почнува ракометниот турнир во машка конкуренција чиј организатор е македонскиот освојувач на двојната круна Вардар, а во чест на првиот роденден на СЦ „Јане Сандански” хотел Русија.
Силниот турнир ќе биде организиран во девет конкуренции, а прва ќе настапи машката екипа која својот премиерен настап ќе го има против добропознатиот противник Нексе.
Машкиот дел од турнирот ќе трае од 24 до 27.август, кога ќе се знае противникот, а два дена подоцна и вардарки ќе бидат домаќинки на женскиот дел од турнирот кој започнува на 29.август.

biljana crvenkovska

– Доаѓаат Металург, Кристијанстад, Краснодар, Нексе и Чеховски Медведи на машкиот турнир и Будуќност, Подравка, Лајпциг, Савехоф и Ростов Дон на женскиот. Секој ден ќе има по два меча, кои ќе се емитуваат на директен пренос на МТВ. Последниот ден, в четврток ќе има три меча за пласман. Сите екипи доаѓаат во полн состав и затоа очекуваме добри и квалитетни натпревари – изјави Билјана Црвенковска, заменик директор на Вардар.

Примамлив ќе биде и наградниот фонд на турнирите, кој збирно изнесува 39.000 евра. Во машка конкуренција првопласираната екипа ќе добие 15.000 евра, втората 10.000, а третата 5.000. Кај жените победникот ќе биде награден со 5.000 евра, вториот тим со 3.000, а третопласираниот со 1.000 евра.

zrk vardar

Машкиот турнир, в понеделник, ќе го отвори градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, а женскиот турнир претседателот на женската екипа на Вардар, Гордана Нацева. Влезниците за турнирите веќе се пуштени во продажба на билетарницата во „Јане Сандански“, по цена од 200 денари за трибини и 400 денари во ВИП-ложата. Тоа се дневни билети кои важат за сите мечеви кои се играат во текот на денот.

Црвенковска дополни дека ова е само почеток и дека од Вардар ќе се потрудат турнирот да стане традиционален.

– Сакаме турнирот да биде традиционален и да се одржува секоја година. Годинава ќе биде по повод првиот роденден на ‘Јане Сандански’ и на хотел ‘Русија’, а за следната сезона не знаеме однапред, затоа што ќе се играат квалификации за Рио, календарот ќе биде густ и не знаеме кои екипи и играчи ќе бидат на располагање – дополни Црвенковска.

По повод првиот роденден, на прес-конференцијата се обрати и директорот на хотел „Русија“, Виолета Ангелковска.

– Повеќе од 40 клуба минатата сезона беа гости во хотел „Русија“. За нашиот квалитет и високото ниво на работа сведочат и многуте награди кои ги добивме. За најдобра архитектура во 2015 година, за најдобар промотор во 2015 година, за најдобра спа-инвестиција на Балканот. Ние сме единствен спој на Балканот каде што хотел работи во склоп на спортски центар. На тој начин спортистите добиваат целосна услуга, со простор за физичка подготовка, за релаксација, со храна прилагодена за нив. Хотел ‘Русија’ располага со спортски центар „Кинетикус“, со спа-центар и најновиот скајбар, кој се наоѓа на 8. кат. Покрај тоа што турнирот ќе се одржи во чест на првиот роденден, ќе организираме и роденденска забава на 29 август – изјави Ангелковска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top