Кривични пријави за злоупотреба на службената положба поднесе полицијата против двајца поранешни директори на Стопанска банка -Битола. Двајцата како овластени лица на банката овозможиле правното лице „Амадеус груп“ од Охрид да се здобие со противправна имотна корист, а на штета на Стопанска банка – Битола. Директорите на 14 декември 2010 година постапиле спротивно на Законот за банки и склучиле Договор за отстапување на побарување со хипотека со правното лице „Амадеус груп“ од Охрид во износ од 2.614.035 евра. Тоа бил износ помал за 150.000 евра од реалното побарување.
Со ова пријавените ја оштетиле банката иако биле свесни и знаеле дека самиот договор е штетен за банката и во истиот период кај извршителот била исплатена целосната сума, од побарувањето од страна на купувачот.
Б.Ѕ. во периодот од 16 октомрви до 24 декември 2010 година, постапил спротивно на чл.92 ст.1 од Законот за банки, односно кога Управниот одбор функционира само со еден член, поради неотповикливата оставка на другиот член. На 20 ноември 2009 година Б.Ѕ. самоволно, издал налог за извршување на претходно поднесеното барање за извршување од 18 ноември 2009 година, со цел да овозможи противправна имотна корист за друг и на ден 16 октомври 2010 година склучил преддоговор за отстапување на побарување со правното лице „Амадеус груп“ од Охрид.
Двајцата пријавени од 28 октомври до 24 декември 2010 година, како овластени лица на Стопанска банка – Битола постапиле спротивно на чл. 89 ст.3 т. 17 од Законот за банки, и на 14 декември 2010 година, за побарувањата кои што ги ималa банката во вкупен износ од 2.763.035 евра, од достасани, а ненаплатени кредити, одобрени со залог на недвижен имот (во вредност од 26.272.962 евра) на правните субјекти „Унитајерс стил импекс“ Скопје и „Санос“ Скопје (каде што „Унитаејрес“ се јавува како заложен должник и за кредитот на „Санос“), без одлука од соодветниот надзорен орган, пријавените со цел и формално правно да ја реализираат намерата за стекнување на противправна имотна корист за друг, склучиле договор за отстапување на побарување со хипотека со надомест, со правното лице „Амадеус груп“ од Охрид, со дисконт од 150.000 евра, односно за 2.613.035 евра. По ова правното лице „Амадеус груп“, во извршна постапка што се водела по барање на Стопанска банка – Битола кај извршител од Скопје, во улога на нов доверител по основ на Договор за отстапување на побарување од 14 декември 2010 година, го наплатило своето новостекнато побарување во целокупниот износ, кој како побарување првично го имала Стопанска банка – Битола од „Унитајерс стил импекс“ Скопје и „Санос“ Скопје за 2.763.035 евра, при што пријавените му овозможиле на „Амадеус груп“ да се стекне со значителна противправна имотна корист во износ од 150.000 евра, на штета на Стопанска банка – Битола, со што го сториле кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување, соопшти МВР.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.