| четврток, 6 декември 2018 |

Првпат во Македонија применет нов метод на Клиниката за радиологија

тодоров
Тим од Универзитетската Клиника за радиологија првпат во Македонија изврши шест интервенции со примена на нов метод со пласирање пренасочувачи на проток (flow diverters), кои служат за ремоделирање на артериите и за пренасочување на крвен проток. Станува збор за ендоваскуларен метод со пункција на артерија со катетер, без отворање на черепот, кај која првпат се применети пренасочувачи на проток. Сите пациенти се во добра состојба, а четворица од нив се веќе пуштени на домашно лекување. Интервенциите се изведени под надзор на интервентен неврорадиолог од Клинички центар Љубљана, а во соработка и со Клиниката за неврохирургија и КАРИЛ. Тимот радиолози од Клиниката за радиологија за изведување вакви интервенции биле на едукација во САД, каде пред две години првпат е применет тој метод.Министерот за здравство Никола Тодоров по средбата во неговиот кабинет со директорката на Клиниката за радиологија, Надица Митревска и тимот радиолози што ја изведоа интервенцијата истакна дека од шесте пациенти третирани изминатата недела, тројца биле со сложени големи аневризми што крвават (аневризмите се проширувања на артериите во мозокот), двајца без крвавење и еден со артериовенска фистула (неприродна комуникација меѓу артериите и вените во мозокот)

Поставени се, нагласи министерот, два пренасочувачи на проток кај двајца пациенти, и четири интракранијални стентови кај останатите четворица пациенти.

– Се спроведува едукација на кадарот на Клиниката за самостојно изведување на интервенциите, почнувајќи од дијагностички до интервентни процедури. Според светските водичи, потребно е да се извршат најмалку 250 дијагностички процедури и пункција на артерија за да може самостојно да се изведе полесна интервенција, а потоа и посложена интервенција под надзор на поискусен интервентен радиолог – рече Тодоров.

Во изминатите неколку години, појасни министерот, со ендоваскуларен третман се третирани околу 120 пациенти. Укажа дека вообичаено се третирале помалите аневризми, додека посложените аневризми и артериовенските фистули се испраќале во странство (каде што лекувањето за овие болести чини од 30.000 до 100.000 евра за еден пациент, во зависност од употребените материјали и можните постинтервенциски компликации).

– Според податоците од ФЗОМ, во 2014 година се упатени 9 лица (сумата се движела од од 16.000 евра до 48.000 евра), односно во 2014 година се уплатени 231.297 евра. Годинава се упатени 4 лица (сумата се движи од 6.100 евра до 51.400 евра), односно вкупно се уплатени 102.639 евра. Поголемите суми за лекување се за комбинирани интервенции на аневризми со операции, а само емболизација на аневризма сумата е околу 20 – 25.000 евра, посочи Тодоров.

Додаде дека на средбата се договориле буџетот за оваа намена за Клиниката за радиологија за наредна година да се зголеми за 50 проценти, со што ќе овозможат поголем број пациенти да можат да се третираат со овие методи.

Менка Лазаревска од Клиниката рече дека станува збор за третман на проширување на крвните садови во мозокот кој се изведува преку феморалната артерија, со пункција и со помош на катетери без отворање на череп.

– Ова пласирање на пренасочувачи на проток кои се еден тип посложени стентови како интракранијални стентови досега не е изведено никаде во државата, а претходно се работени повеќе од осум години само ендоваскуларно коилирање односно поставување на жички во самите проширувања на крвните садови. Но, тоа е можно само кај одреден тип, не е можно да се изведе кај вакви комплицирани комплексни проширувања на крвните садови каде е потребен ваков тип материјал, рече Лазаревска.

Во САД, појасни таа, се одобрени за употреба пред две години, а студиите во Европа се почнати пред осум години.

Појасни дека се скратуваат болничките денови при третманот на ваквите пациенти.

– Кај некрваречките аневризми тие се околу два до три дена максимум ако не постојат компликации, додека кај крваречките се нешто подолго што е исто така заштеда на финансии, а бенефитот е голем за самиот пациент бидејќи се работи под општа анестезија, но сета интервенција е многу кратка и после деновите се многу полесни за него, додаде Лазаревски.

Директорката на Клиниката за радиологија, Надица Митревска истакна дека околу 120 пациенти се третирани во последните пет години со интервентни процедури од кои најмногу се  коилирања на интракранијални аневризми, а еден помал број и стентирања на периферни крвни садови.

– Она што не радува е воведувањето нови методи кај комплицирани аневризми со широк врат кои досега не беа изведувани, рече Митревска и додаде дека кадарот од Клиниката има долга биографија на едукација повеќе години наназад, а последната била во САД, во Јапонската болница Токуда во Софија и во Хаџи Тепе универзитетот во Анкара.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top