Египетски суд денеска го осуди на доживотен затвор поранешниот лидер и духовен водач на забранетото исламистичко движење „Муслимански браќа” Мохамед Бадија. Пресудата е за случајот за напад врз полициска станица во крајбрежниот град Порт Саид во 2013 година, кога беа убиени петмина полицајци и повредени десетици цивили. Ова се случи по крвавите репресии на силите за безбедност против два исламистички протестни кампа во Каиро.
Покрај Бадија, доживотна казна затвор под обвинение за поттикнување насилство и учество во него добија и 18 членови на движењето. Меѓу нив се и еден од лидерите на „Муслимански браќа” Мохамед ел Белтаги и исламскиот духовник Сафуат Хегази.
На 76 лица им се суди во отсуство, според египетскиот државен весник „Ал Ахрам”. Мохамед Бадија веќе е осуден на смртна казна под обвинение за други злосторства.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


