| четврток, 6 декември 2018 |

Грција со фериботи превезува стотици бегалци од островите

migranti grcijaГрција превезува со фериботи стотици бегалци од островите кон копното на земјата за да се намали притисокот врз островите, каде има илјадници имигранти кои бегаат од граѓанската војна во Сирија.

Во исто време толпи мигранти се наоѓаат на грчката граница со Македонија, подготвувајќи се да заминат кон север. Околу 2.200 бегалци вчера пристигнаа во пристаништето Пиреја со ферибот, испратен од грчката влада. Грчките власти се обидуваат да ја олеснат тешката ситуација на грчките острови, кои граничат со Турција. Обично бегалците тргнуваат кон север со воз или автобус до Солун, надевајќи се да се префрлат во Македонија, а оттаму во Централна Европа.

На грчкиот остров Кос, каде бегалците живеат во мизерија поради недостигот на адекватни услови за прифаќање, министерот за одбрана Панос Каменос вчера беше гаѓан со јајца од гневните локални жители. Неговата партија „Независни Грци” ја префрли вината врз крајно десничарски групи.

Грција, која е зафатена од најтешката економска криза во последниве децении, се покажа неподготвена за масовниот бран бегалци, претежно Сиријци. Бројот на мигрантите надмина 160.000 оваа година и се три пати повеќе во споредба со 2014 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top