| четврток, 6 декември 2018 |

Досега легализирани 130.000 дивоградби

katastarВладата го продолжи рокот за поднесување барање за легализација на инфраструктурни објекти до 31 декември годинава, а елаборат ќе може да се поднесе до 31 декември 2016 година.

Вкупно 130.000 бесправно изградени објекти досега се запишани во Катастарот, што значи веќе се легализирани и добија имотни листови. Само два од нив се инфраструктурни. Поради тоа Владата го продолжи рокот за поднесување барање за легализација на инфраструктурни објекти до 31 декември годинава, а елаборат ќе може да се поднесе до 31 декември 2016 година.

Како што појасни денеска на прес-конференција директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Славчо Трпевски, причина за продолжување на рокот за поднесување барање за легализација на инфраструктурни објекти е тоа што во 2011 година, кога е донесен Законот за легализација на дивоградбите, не постоеше катастар на инфраструктурни објекти, па голем дел сопственици на инфраструктура немаа поднесено барање за легализација. Од пред шест месеци можат да се запишат сите типови инфраструктурни објекти како што се сообраќајни, водоводни, канализациски, енергетски, електро-комуникациски објекти. Во моментов, според податоците од Министерството за транспорт и врски, поднесени се вкупно 2.592 барања за легализација на инфраструктурни објекти.

Трпевски потсети дека најдоцна до 24 април 2016 година сите иматели на инфраструктурни објекти се должни до Катастарот да достават пријави за запишување на 40 отсто од инфрастуктурните објекти со кои располагаат, а најдоцна до 24 април 2018 година и за преостанатите 60 отсто.

Владата пред три дена го усвои предлогот за измени на Законот за катастар на недвижности со кои ќе се овозможи секое решение издадено од општините или од Министерството за транспорт за изградба на нова инфраструктурна градба да биде основ за предбележување на инфраструктурата во Катастарот. По предбележувањето Катастарот ќе издаде лист за предбележување со кој инвеститорот ќе може да го заложи пред деловните банки, со цел да добие дополнителни средства за реализација на инвестицијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top