Манифестацијата „Крушево етноград“ беше повод да го посетиме ова историско гратче. По седми пат, во Крушево се одржа најголемата туристичка револуција, која значи навраќање кон историските и културни придобивки од Илинденското востание и од Крушевската република.
– Продолжуваме во духот на историската и културна традиција на Крушево. Проектот „Етноград“ опфаќа изложби за филигран од срма на Флора Педрони, презентација на домашни и на еколошки производи, концерти на познати групи, вели Зоран Богески, директор на Историскиот музеј – Крушево.
А, Крушево и во моментов е полно со туристи, параглајдеристи, љубители на спортовите, но мештаните велат дека сите капацитети се подготвени за пречек на колку што е можно повеќе туристи. Возбудливо е во овие денови да се биде овде. Годинава манифестацијата има богата програма, со обновување на старите крушевски занаети.
– Пред седум години за првпат го кренавме „Првото туристичко востание на Балканот“. Наместо топовите, грмнаа тапаните, наместо лелекот, писнаа зурлите. Комитите и аскерот го положија оружјето и седнаа заедно на маса да пијат кафе, сиромашните и чорбаџиите заедно се насладуваа со вкусните крушевски јадења, народот излезе на улица и ја сардиса чаршијата – вели градоначалникот Ѓорѓи Дамчески.
Шетајќи низ крушевските улици дознавме повеќе за традиционалните, домашни и еколошки производи од Крушево, а посетителите можеа и да се обидат да сукаат крушевска пита со искусните домаќинки и да уживаат во единствениот вкус на еколошките слатки и џемови.
– Немојте да си заминете без да дознаете како се бере природен чај и каква е намената на посебните видови чаеви – ни довикуваат крушевчани.
А туристите се воодушевени од локалните специјалитети.
– Досега во Крушево сум бил осумпати, а најдобро оттука ми се целувките – признава еден посетител. Неговата придружничка, пак, го избира крушевскиот локум.
Крушево е едно од местата во Македонија кои најчесто неправедно ги испуштаме од списокот за посети. Едноставно, кога размислуваме за прошетка, изборот се сведува на Маврово, Охрид, Струга… или некои предели во близината на Скопје. Но, Крушево нуди беспрекорни убавини подарени од природата пред кои и боговите би замолчиле.
Кога ќе се спомене Крушево, веднаш помислуваме на илинденската епопеја, на Никола Мартиноски, на Тоше Проески…Овие денови Крушево ги раскажува своите историски приказни. Облечени како комити, како Турци, или пак во староградска носија, домаќините им ја раскажуваат приказната за Крушево на туристите. А на приказните им нема крај, од онаа за Црешовото топче, за илинденската влада со шест министри, или за љубовната приказна меѓу востаникот Цветко Стојчев и крушевчанката Злата, кои заедно се бореле на „Слива“ и каде што по битката биле пронајдени нивните тела.
Галеријата „Никола Мартиноски“ е сместена во прекрасно здание со староградска архитектура и внатре се сместени преку 60 дела на овој голем сликар. Овде беше промовирана публикацијата „Крушево – град на музеите – Првата Република“ од новинарката Елизабета Митреска и историчарот и директор на Историски музеј – Крушево, Зоран Богески.
Според авторката Елизабета Митреска, Крушево е историја и приказна која секогаш се отвора како вонвременска книга.
– Со публикацијата Крушево – град на музеите – Првата Република” сакаме низ фактите и низ приказните што се покривното ткиво на податоците, да добиете слика за целосното битисување на Крушево. Фактите да го зацврстат, а приказните да го доловат историскиот печат што го носи ова гратче. Достоинствено, а сепак скромно. На 16-ина страници, на македонски и дел на англиски јазик, претставени се седумте музеи, културните настани низ фактите, низ приказните и низ фотографиите. Да заинтригира за повторна средба со Крушево, пак да се видат местата, црквите, чаршијата, староградските градби, убавината на Коријата, на крушевските терени кои се белеат во зима – вели Митреска.
Според историчарот и коавтор на публикацијата, Зоран Богески, книгата открива познати и непознати факти, приказни и фотографии.
– Публикацијата носи нови истражувачки приказни, објавува и нови факти и фотографии досега скриени во архивите на Историски музеј – Крушево и за првпат се претставени четите и војводите што ги дало ова славно место. Се надевам дека ќе наиде на љубопитност не само кај крушевчани, туку и кај посетителите од земјава и од странство – вели Богески.
Најстариот документ за Крушево, кој датира од 1467 година, вели дека како село. т.е. мезра, му било дадено на спахијата Хусеин-бег, заедно со Прилеп и со уште 31 село. За време на турското владеење, Крушево било мало словенско село, а на крајот од 18 век му припаѓало на Ќерим-бег од Охрид, кому населението на Крушево му плаќало данок сѐ до 1847 година. Денешната форма градот ја добил со доаѓањето на Власите од Москополе и Мијаците од околината, во текот на 18 век. Во градот, покрај македонскиот, службени се и влашкиот јазик и албанскиот јазик.
По прошетката низ улиците на Крушево дознаваме дека градот има 12 маала: Влашко, Таше, Струнга, Буша, Арбинеш, Коку, Мијачко маало, Горно маало, Крстот, Матак, Череш и Ѓупско маало. Во центарот на маалата се создаваат и маалски центри, мали крстосници со фурна и со чешма, а во два такви центри се изградени и цркви. Спецификата на изгледот на старите крушевски куќи се должи на успешноста на крушевчани во областа на копаничарството, на фрескосликарството и на традиционалното градителство.
– Има плејада поединци и дваесетина тајфи кои крстосувале и твореле не само на овие простори, туку и подалеку по Балканот. Од архитектурата на Крушево особено бил трогнат познатиот француски архитект Ле Корбизје, кој во минатото престојувал овде – велат мештаните.
За најстар објект изграден во Крушево, се смета црквата „Свети Никола” (1832), која била опожарена за време на Илинденското востание од 1903 година. Оваа главна црква е позната по прочуениот иконостас, работен од тајфата на Петре Филипович-Гарката, и неговиот помошник и зет, Димитар Станишев, кој бил роден во Крушево. Мал дел од опожарената црква „Свети Никола” денеска има во музејот на Илинденското востание и Крушевската република и е зачуван цифеблатот (бројникот) на тогашната црква, чии камбани, како што се сеќаваа старите крушевчани, при опожарувањето и паѓањето се слушале до Прилеп.
Секако, мора да се пофали и храната, која во хотелот „Монтана“ беше навистина неверојатна. Едноставно се гледа кога нешто се подготвува на традиционален начин и со многу љубов.
Пишува: Невена Поповска
(Текст објавен во 154. број на неделникот „Република“, 14.08.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.