| четврток, 6 декември 2018 |

Огревното дрво со висока цена ја крева температурата и во лето

Тие што во периодов сакаат да набават дрва за греење, се соочуваат со проблем. Во државните складишта нема дрва за физички лица, додека во приватните складишта нивната цена во однос на претходните години е драстично порасната, па граѓаните се исплашени дека зимава ќе останат беа греење. Од Јавното претпријатие „Македонски шуми“ уверуваат дека нема место за паника и дека има време до почеток на грејната сезона за сите да се снабдат со огревно дрво, но не прецизираат кога скопјани ќе може да си купат дрва во нивните складишта

Граѓаните на големо почнаа да се подготвуваат за прет­стојната зима, а во тие подготовки централно место зазема прашањето на што да се греат и колку средства од семејниот буџет треба да одвојат за таа намена. Без нов капут се може, па дури и чизмите од минатата година може да се носат уште една сезона, но мора да се обезбеди греење за да се протурка зимата. Изборот е едноставен, парно, струја или дрво. Парното не може да го користат сите, а има и голем дел од тие што се откажаа од него, струјата е скапа, па како последна можност останува огревното дрво, кое сѐ уште е најевтината варијанта за загревање на домовите. Сепак, тие што во периодов сакаат да набават дрва за греење, се соочуваат со проблем. Во државните складишта нема за физичките лица, додека во приватните складишта нивната цена во однос на претходните години е драстично порасната, па граѓаните се исплашени дека зимава ќе останат беа греење. Од Јавното претпријатие „Македонски шуми“ уверуваат дека нема место за паника и дека има време до почеток на грејната сезона сите да се снабдат со огревно дрво, но не прецизираат кога скопјани ќе може да си купат дрва во нивните складишта.

– Нема простор за паника дека граѓаните ќе останат без огревно дрво зимава. Ние правиме напори за задоволување на повеќето побарувања за дрва, но проблем е што тие побарувања од година во година се сѐ поголеми, а шумскиот фонд и нашиот капацитет за работа се исти. Притисокот врз нас е поголем бидејќи ние продаваме најевтини дрва, 2.500 е буката, а 2.600 е дабот, па сите сакаат да купат од нас. Нашата цена е иста со години и дури е под пазарната цена, но со оглед на тоа дека ние сме јавно претпријатие и дека водиме грижа и за социјалниот момент на граѓаните, не правиме нагорна корекција на продажните цени – вели генералниот директор на ЈП „Македонски шуми“, Жарко Караџоски.

 

ekonomija154-zarko-karadzovski

Жарко Караџоски

 

Според него, загрижува трендот на сѐ поголемиот број семејства што се греат на дрва.

– Порано луѓето се откажуваа од огревно дрво и се преориентираа на струја или на парно греење. Сега место да се оди напред кон користење нови видови енергија, како палети или брикети, луѓето се враќаат назад и пак масовно почнуваат да се греат на дрва, што е многу неповолен тренд бидејќи не можат да се задоволат сите потреби, а овој вид греење ја загадува и животната средина. Како и да е, греењето на дрва останува најевтина варијанта на греење и граѓаните масовно ја користат. Големата побарувачка, нормално, создава недостиг од дрва кај нас, што, пак, масовно го користат приватниците, кои ги качуваат цените во своите складови. До 5 август, поради забраната за влез во шума, не може да се експлоатираат ни приватните шуми, но по тргнување на забраната и дозволата да се сечат и приватните шуми, на пазарот ќе има и нивна понуда на дрва, што би требало да го амортизира притисокот врз „Македонски шуми“ – објаснува Караџоски.

Првиот човек на ова јавно претпријатие објаснува дека во нивните складишта, во Скопје, нема понуда на дрва поради пропаднатите тендери за превоз на дрвата.

– Ние немаме сопствен превоз, а приватните превозници ги бојкотираа тендерите за превоз на дрва до Скопје бидејќи не дозволивме да нѐ уценуваат, па сега не може да се обезбеди превоз на дрвата до складиштата во Скопје. Всушност, ние имаме превоз, но дрвата што стигнуваат таму, практично, не се ни истовараат и веднаш се пренасочуваат кон клиентите со кои имаме склучено договори за испорака уште на почетокот од годинава, како пензионерските здруженија, синдикатот и другите. Останува можноста граѓаните да склучат договори за набавка на огревно дрво, кои ние ќе се потрудиме да ги почитуваме. Во другите складишта низ земјава има понуда на огревно дрво, па ако некој сака да купи, може и оттаму – нагласува Караџоски.

За разлика од други, оваа година понудата на огревно дрво е редуцирана и поради примената на измените на Законот за шуми, со кои се стегна обрачот околу дрвокрадците.

– Лани се потрошени 800.000 кубни метри дрво за огрев, од кои ние обезбедивме 400.000 кубни метри.300.000 кубни метри се обезбедени од приватните шуми и 100.000 кубни метри се крадени. Со оглед на тоа дека 10 отсто од шумите се приватни, логично е дека од нив не можело да се обезбедат 300.000 кубни метри дрвна маса. Значи во нив имало и крадени дрва од нашите шуми. Акцијата Гора и измените во Законот за шуми придонесоа дел од аномалиите да се средат и да се воведе ред во стопанисувањето со шуми – објаснуваат од „Македонски шуми“.

Приватниците имаат своја математика за продажба на дрвата.

– Ако сакате да резервирате дрва за купување, јавете се по 15 август. Тогаш ќе знаеме дали ќе имаме дрва за продажба – велат во дел од приватните складови, додека во други информираат дека има дрва за продажба, но по цена од 3.500 денари, а некаде таа достигнува и до 4.300 денари.

Во едно скопско складиште дабот чини 3700 денари, а буката сто денари помалку. Друг приватник, пак, сосе превоз и сечење нуди бука за 3.650 денари, а даб за 3750 денари.

– Ако сте за купување побрзајте затоа што за две недели, можеби, ќе го продавам дрвото поскапо – вели еден сопственик, кој не ја гарантира актуелната цена.- Купувам дрво од „Македонски шуми“, а тие прават лицитација на интернет, па не знам до каде ќе оди цената во иднина – вели еден друг сопственик на склад за огревно дрво.

Само мал дел од населението место дрво користи брикети или палети. Продавачите тврдат дека еден тон брикети чини 15.500 денари, а заменува 4 кубни метри дрво. Повисоката цена за овој огревен материјал го оправдуваат со немањето потреба од транспорт и сечење, а го има и во секое време.Освен тоа, не ја загадува животна средина како дрвата.

– Дрвото се користи за изработка на пелети и на брикети, кои загадуваат помалку бидејќи не содржат вода во себе. Дрвото, за разлика од нив, содржи вода, троши енергија за да се ослободи од неа, па при согорување создава јаглероден диоксид што го загадува воздухот. Токму затоа препораките се да се намали користењето дрва за огрев, но граѓаните тоа тешко го прифаќаат избирајќи го греењето на дрва како наједноставна и најевтина алтернатива – вели комерцијалниот директор на „Македонски шуми“, Тони Јованов.

Скопје останува најголем побарувач на дрва за огрев.

– Расте побарувачката на дрва во Скопје, каде што 90 отсто од граѓаните се греат на дрва, па за да се задоволат овие потреби треба да се уништи целата природа. Ние правиме што можеме за да обезбедиме огревно дрво за граѓаните, но останува можноста за набавка на дрва од приватните шуми или увоз – додава Јованов.

Пишува: Александрија Стевковска
(Текст објавен во 154. број на неделникот „Република“, 14.08.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top