Во првиот бараж натпревар за Лига на Европа кој се игра во Скопје на арената „Филип Втори“ пред повеќе од 10.000 гледачи, македонскиот вицешампион Работнички во текот на првите 45 минути е далеку понадмоќна екипа од противникот, гостинот од Русија, Рубин Казан.
Сепак резултатот е 0-0 а избраниците на тренерот Игор Ангеловски не се исплашија од големиот Рубин, напротив одиграа смело во првото полувреме и создадоа неколку шанси.
„Романтичарите“ се заканија преку Чума Анене во 12 минута, откако црномурестиот центарфор се ослободи од противникот и силно биеше кон голот на Рубин, а голманот Рижиков мораше да ја боксува топката во корнер.
По само десет минути Алтипармаковски направи продор по десната страна влезе во казнетиот простор и беше соборен од Кверквелиа, но главниот арбитар остана нем и не досуди пенал за Работнички.
Судијата од Унгарија Истван Вад можеше слободно да досуди на белата точка и немаше да погреши.
До крајот на првиот дел главно се играше на средината на теренот која ја котролираа „дебармалци“.
Единствен расположен играч во рускиот состав Тучинот Карадениз кој успеа на неколку наврати да продре по левата страна но без сериозна завршница. Ударите на Кануников во 19 и 45 минута од далечина, голманот на Работнички Даниел Божиновски лесно ги скроти.
Во вториот дел се очекува Работнички конечно да го скрши отпорот на Рубин Казан и да ги подотвори вратите за пласман во Лига на Европа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.