| четврток, 6 декември 2018 |

Продолжува чистењето на коритата на реките и улиците во Тетовско

 

tetovo

Согласно вчерашната одлука на Владата, продолжува расчистувањето на коритото на Поројска Река и коритата на реките во Доброште и на реката Пена во Тетово, како и во Шипковица.

Ова на денешната заедничка прес-конференција го истакна министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири. Со градоначалничката на општина Тетово Теута Арифи информираа за состојбата на терен и за следните активности, седумнаесет дена по невремето, поплавите и наносите на земја, кал и камења што погодија повеќе места во тетовскиот регион.

Претходно тие присуствуваа и на состанокот на Координативното тело за справување со последиците од големото невреме на 3 август, во кое загинаа шест лица и имаше голема материјална штета на инфраструктурата, куќите, објектите, земјоделските површини и друг недвижен и движен имот.

По првата фаза, што опфаќа чистење и дезинфекција во тек и втората фаза за целосно обештетување, но и подготовка на планови за инфратсруктурни зафати што треба да спречат повторување на поплави и одрони во иднина.

– Втората фаза од активностите подразбира отстранување на дефектите во водоводната и канализациската мрежа, каде интервенираше Јавното комунално претпријатие „Тетово“, и тоа е веќе завршено. Следуваат големите инфраструктурни зафати и затоа Министерството за животна средина и просторно планирање во најбрз рок треба да изготви проект за санирање на водоводната и канализациската мрежа и резервоарот во Шипковица, додека ЈП „Македонија пат“ треба да изготви основен проект со техничко решение за свлечиштето во Шипковица, каде според податоците од теренот поради големото присуство на вода има секојдневно движење на дел од земјиштето, рече Изаири.

Тој посочи дека во координација со експертите од ЕУ, УНДП и домашните институции во следниот период ќе бидат подготвени проекти врз основа на нивните препораки. Целта, како што рече, е да се спречат вакви последици по животот и имотите на жителите во Тетовско.

Градоначалничката Арифи информира дека согласно одлуката на Владата за еднократна парична помош 324 семејства од Тетовско добиле по околу 30 илјади денари.

– Продолжува прибирањето на доброволна финансиска помош на отворените жиро-сметки. На општинската досега има 3 милиони 424 илјади и 760 денари, а на таа од Црвениот крст 2 милиони и 600 илјади денари. Во однос на зафатените земјоделски површини од поплавите и наносите, останува обврската земјоделците до 28 август да ги пријават штетите до подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Тетово, по што стручни екипи ќе извршат проценка, рече Арифи.

Таа информира дека на терен продложува расчистувањето на уште четири улици во Шипковица и една во Порој, како и расчистувањето на коритата на реките во Голема Речица, Порој, Тетово и Доброште. Досега се дезинфицирани и 232 домови и други објекти, а до понеделник ќе биде завршена и дезинфекцијата на сите јавни површини зафатени од поплавите.

Арифи им се заблагодари на сите општини во Македонија, на фирмите и граѓаните во Македонија и надвор од државата кои, како што рече, дадоа свој финансиски и хуманитарен придонес.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top