Една и пол година пред следните американски избори за претседател во најмоќната земја на светот почна битката за влез во Белата куќа. Надежите се големи кај сите заинтересирани, кај демократите дека можат да го продолжат осумгодишното владеење на Барак Обама, либералите се надеваат на продолжување на трендот на олеснување на животот на малцинствата, имигрантите, хомосексуалците, конзервативците мислат дека дојде време за засилување на американската држава, која, според нив, ја ослабнал Обама, а републиканците се надеваат на враќање на традиционалните американски вредности загубени во ерата на првиот афроамерикански претседател на САД. И светот има свои надежи. Русија се надева на нов партнер, кој би ја сфатил реалноста во светската политика, Кина сака да добие човек што нема да се меша во внатрешните работи на најнаселената земја на светот и кој ќе го следи добриот тренд на трговската соработка, а Европа, според досегашните јавни настапи, не знае што сака. Во секој случај, Брисел ќе го прифати новиот претседател кој и да биде, од каде и да биде.
Во целиот корпус очекувања и малите земји како Македонија имаат свои надежи. Некои се молат новиот претседател на САД да ги вклучи во програмата „Виза вејвер“, која овозможува патување на нивните граѓани во САД без виза, некои се надеваат дека идниот претседател нема да ја запре економската помош, трети дека Вашингтон ќе продолжи со техничката, здравствената или со помошта за извоз на вештини. Во Македонија општ е впечатокот дека нашите очекувања за американска асистенција во решавање на спорот за името ќе бидат полесно исполнети со избор на член на Републиканската партија во чиешто време, пред 12 години, земјата беше признаена под уставно име. Оттаму и отворената и скриената поддршка на Македонците во Македонија и во дијаспората за републиканските кандидати. И покрај тоа што и на помалку упатените во американската политика им е јасно дека предрасудата за републиканците не е валидна или дека не е загарантирана подобра позиција со доаѓање на власт на сегашната опозиција, речиси сите македонски ресурси, кои се, инаку, минорни, по секоја основа ќе бидат насочени кон помош на Републиканската партија. Реално е дека Македонија може да се надева на отворена или на прикриена поддршка од републикански претседател само доколку коцките се наредат по идеална линија што ѝ одговара на Македонија, а тоа во моментов е речиси неверојатно да се предвиди. Се разбира, политиката многу често се споредува со коцкање, па затоа ќе биде оправдано, во отсуство на „македонски играч“ меѓу демократите, на републиканскиот кампус да му помагаат македонската држава и Македонците во САД (Американци со македонско етничко потекло), 200 до 400 илјади гласачи, кои имаат потенцијал макар и на минорен начин да влијаат на изборите.
Републиканскиот кандидат Џеб Буш, брат на за нас одличниот Џорџ Буш Јуниор, кој во 2004 година нѐ призна под уставно име, и син на Џорџ Буш Сениор, кој ја водеше Америка во Првата заливска војна (претседател од 1989 до 1993 година), можеби со право е најголемата надеж на Македонија во овие избори, но, објективно, шансите тој да биде избран во моментов не се поголеми од 12 до 15 проценти. Гувернерот на Флорида за да ја продолжи фамилијарната практика со владеење на Америка ќе треба да ги победи своите противкандидати во партијата, а потоа во финалето да се сретне со еден од двајцата најсилни кандидати кај демократите: Хилари Клинтон или виталниот Џозеф Бајден, кој сѐ уште не ја објавил својата номинација, но како актуелен потпретседател сака да ја заврши својата полвековна кариера во американската политика во Белата куќа, а притоа речиси сигурно ќе има директна поддршка од најпопуларниот американски претседател во последните 20 години. Но, напишаното засега е само претпоставка. Државата што има долг од 18 трилиони (илјади милијарди) долари, кој до 2020 година ќе се зголеми на 21 трилиони и каде што секој жител должи по 152 илјади американски долари (зголемување за 100 проценти од 2004 година) во моментов нема никаква идеја што може да донесе сложениот американски изборен систем систем, кој ќе заврши со инаугурација на крајот на следната година.
Доналд Трамп е најсигурниот кандидат за претседател
Анкетите и анализите покажуваат дека во моментов единствено е сигурно тоа што го предвидува 27. амандман на американскиот Устав – дека САД по истекот на вториот мандат на Барак Обама ќе добие нов претседател. Покрај Џеб Буш, Хилари, Клинтон и Џо Бајден, кои се најинтересни кандидати и за кои знае голем дел од светската јавност, вниманието на медиумите досега најмногу го има милијардерот Доналд Трамп, кој засега е официјално на листата на републиканците, но речиси сигурно е дека ако во внатрепартиската битка не добие статус на партиски кандидат, ќе се обиде во трката за претседател да влезе како непартиски предлог. Трамп, кој според критериумите на сериозните медиуми е шарлатан што „тресе глупости“ и кој навредува големи групи граѓани, сепак не треба да се потценува. Тој ѝ се обраќа на рурална и традиционална Америка, на таканаречените „реднек“ (селани), кои досега беа клучен фактор при изборот на неколку американски претседатели од републиканскиот кампус. Токму поради тоа, и покрај големиот број гафови и грешки во кампањата, милијардерот, кој може сам да ја финансира кампањата со стотина милиони долари, без притоа тоа да го почувствуваат неговите компании, е на високо место во анализите на спортските аналитичари. Со оглед на тоа што Трамп како независен кандидат нема да се бори со свои сопартијци за влез во финалната битка за претседател, уште отсега може да смета дека најмалку ќе биде трет според популарност американски политичар ако се сметаат само гласовите од претседателските избори во 2016 година.
И прогнозерите во игра
Да, токму така, во Америка во политиката се ангажирани и луѓето што ги оформуваат анализите за победа или пораз на спортските тимови. Според анализите на луѓето што ги правата квотите за американските лиги во кошарка, бејзбол, рагби и другите спортови во кои се вртат огромни пари, во моментов на демократската листа најдобро котира Хилари Клинтон, по неа е Берни Сандерс, инаку независен сенатор со најдолг стаж како независен во историјата на американскиот конгрес. Сандерс за нас, освен тоа што е интересен поради тоа што е самодеклариран демократски социјалист, е посебно вреден затоа што доаѓа од државата Вермонт, со која Македонија во последниве десетина години има исклучително добра комуникација. Се разбира дека доколку биде избран Сандерс, тој нема да може да донесува одлуки спротивни на американските интереси и политички позиции поради блискоста на Вермонт и Македонија, но, сепак, овој факт треба да се знае. На третото место кај републиканците е Џо Бајден, кој допрва треба да ја објави својата кандидатура, со што се очекува веднаш да дојде на второто, а можеби и на првото место на листите. Понатаму на листата се познати членови на демократската партија, кои, објективно, немаат ниту пари ниту се големи ѕвезди за да направат некакво изненадување.
Кај републиканците на прво место е најдобрата варијанта за нас, Џеб Буш, кој, исто како и неговиот брат Џорџ Јуниор и татко му Сениор, покрај партиската поддршка ќе ја има и семејната поддршка, но и поддршката од голем дел од „корпоративна Америка“ поврзана со нафтениот бизнис и низа големи мултинационални компании. Зад него, многу заостанувајќи, се младите и популарни политичари Скот Вокер, гувернер на Висконсин, и сенаторот од Флорида Марко Рубио, со кои завршува листата на сериозни кандидати.
Во предвидувањата на прогнозерите за следен американски претседател на прво место е Хилари Клинтон, која има предност во однос на Џеб Буш, а по нив се Џо Бајден и Доналд Трамп. Од четвртото место натаму се Марко Рубио, Скот Вокер, Берни Сандерс, Бен Карсон, Џон Касич, Ренд Пол, Крис Кристи, Тед Круз, Џим Веб (демократски кандидат), Мартин О’Мали, Карли Фјорентина, Мајк Хакаби, Елизабет Ворен и неколку други американски политичари, кои се помалку познати за македонската јавност.
Според предвидувањата, поголеми шанси за победа меѓу партиите имаат демократите, а мажите имаат минимална предност во прогнозите од кој пол ќе биде следниот американски претседател.
(Текст објавен во 154. број на неделникот Република, 14.08.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.