Владите на Велика Британија и на Франција потпишаа договор за соработка за соочување со кризата со емигрантите, околу градот Кале, на францускиот брег од Ла Манш, соопшти британскиот Хоум Офис.
Со договорот, двете соседни земји се согласиле да се формира посебен контролен и команден центар, со кој ќе раководат британски и француски полицајци.
Задачата на центарот е да се запрат шверцерите на луѓе, кои префрлаат илегални емигранти до Кале, а од таму се обидуваат да ги пренесат преку Каналот на британска територија.
Членовите на центарот за ситуацијата на теренот директно ќе ги иформираат владите во Лондон и во Париз.Кон новоформираниот контролен и команден центар, ќе се приклучат и британските погранични сили.
Хоум Офисот ќе треба да одлучи колку британски полицајци ќе бидат испратени во Кале, додека Франција веќе соопшти дека ќе го зголеми бројот на своите полициски сили во и околу овој град.
Владата во Лондон определи дополнителни седум милиони фунти (околу десет милиони евра) за оградување на просторот околу влезот во тунелот под каналот Ламанш и на поширокиот простор околу Кале.
Британскиот министер за внатрешни работи, Тереза Меј престојува денеска во Кале, каде се сретна и разговараше за мигрантската криза и за состојбата во овој дел од Франција, со својот домаќин, францускиот министер Бернар Казнев.
Во соопштението на британското Министерство за внатрешни работи се вели дека освен со Франција, британската влада преговара и со владите на Белгија и Холандија, за определување мерки за запирање и попречување на новосоздадените траси за илегални емигранти.
Прашањето со емигрантите е едно од главните работи со кои се занимава британската влада, од почетокот на нејзниот втор мандат, по изборите во мај годинава. но во Лондон се инсистира дека состојбата во и околу Кале е само дел од поширокот прашање со напливот на емигранти од Блискиот Исток и Африка во Европа.
Само во текот на ова лето, повеќе од 240 илјади емигранти го преминале Медитеранот, упатувајжи се главно кон Италија и Грција, за да од таму, го продолжат патот кон богатите земји во ЕУ.
Германија и Шведска имаат регистрирано значителен пораст на бројот на емигранти, а Германија се соочува со рекорден број апликации за давање азил. Повеќе од 200 илјади лица се регистрирани годинава како азиланти,а се очекува до крајот на годината, таа бројка да изнесува дури 800 илјади барања. Бројот на емигрантите кои побарале азил во Британија е трипати помал од тој во Германија и изнесува околу 30 илјади барања.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.