| четврток, 6 декември 2018 |

По земјотресот Македонија стекна култура на сеизмичка градба

gare

По скопскиот земјотрес од 1963 година, граѓаните на Скопје и Македонија изградија култура на сеизмичка градба, истакна денеска на прес-конференција директорот на ИЗИИС Михаил Гаревски, по повод 50 години од основање на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија.

Според него, речиси сите нови објекти по 1965 година, кога се воведени стандардите за градба до сега, се сеизмички изградени. Најнеповолни објекти, нагласи, се објектите кои се надградуваат, а посебно оние кои се изградени пред земјотресот во Скопје.

Гаревски посочи дека со измените на Законот за градежништво воведени пред две години сигурноста на градбите е на максимално ниво.

– Законот вели дека нема градежна дозвола ако не е дадено мислење дали проектот ги задоволува стандардите за проектирање, но не само тоа, проектот некогаш може да ги задоволи тие стандарди, а на терен да е друга ситуација. И ако се добие градежната дозвола, не може да се добие технички прием ако нема двапати мислење во текот на градбата од страна на специјализирана институција која се занимава со земјотресно и сеизмичко инженерство- истакна Гаревски.

Во однос на историјата на Институтот, Гаревски потсети дека тој е формиран во 1965 година и дека е еден од најстарите институти кој се занимава со науката за земјотресно инженерство и сеизмологијата.

– По скопскиот земјотрес формиран е еден консултативен комитет од врвни светски експерти од ОН, поточно формиран е од одделот на ОН за домување. Неговата задача била да даде основни инструкции за изградбата на Скопје и да ги постави урбанистичките правила. Комитетот препорачал до тогашната Влада на Македонија дека е потребно да се формира научен институт кој ќе се занимава со земјотресно инженерство и сеизмологија. На тој предлог Владата во 1965 година го оформирала Институтот- рече Гаровски.

По основањето на Институтот се отвориле првите магистерски студии во областа на земјотресното инженерство а воедно биле и први студии во Македонија и први магистерски студии во Европа од областа на земјотресното инженерство.

Институтот, информира Гаровски, организирал и специјални курсеви за инженери и специјалисти од областа на земјотресното инженерство и инеженерската сеизмологија од Македонија и од земјите во развој.

– Во период од 26 континуирани години, со финасиска помош од Кралството Холандија и Република Македонија и со максимален број од 18 учесници на секој курс, обучивме околу  520 студенти од целиот свет- истакна Гаревски

По повод јубилејот од основањето на ИЗИИС, на 24 август ќе се одржи и свечена академија во МАНУ каде ќе бидат доделени и златни плакети за фирми и институции со кои соработувал Институтот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top