„Карол“ е филмот за кој допрва ќе слушате, а особено во претстојната трка за награди, која почнува оваа есен, објави порталот „Филм 24.мк“. Филмот на Тод Хејнс веќе беше номиниран за „Златна палма“ ( Palme D’Or) на Канскиот филмски фестивал, додека, пак, Руни Мара ја освои наградата за најдобра актерка (всушност ја подели со Емануел Бекорт).
На малку повеќе од три месеци од премиерата, „Карол“ го доби и првиот рекламен спот. Филмот е лезбијска драма сместена во Њујорк во 50-тите години од 20 век, а во главните улоги ќе ги видиме Кејт Бланшет и Руни Мара. Самиот филм, режисерот Хејнс и двете актерки од сега се сметаат за фаворитки за претстојната трка за „Оскар“, а веќе се типува и за оскаровска статуетка за Руни Мара, во категоријата најдобра актерска во споредна улога.
Двојната оскаровка Кејт Бланшет ја толкува насловната улога, таа на Керол Ејрд, која ќе ја заведе многу помладата Терез Беливет (Руни Мара). Покрај Руни и Кејт, во другите улоги ќе ги видиме и Сара Поулсон, Кајл Чендлер и Џејк Лејси.
„Карол“ е филмска адаптација на „Цената на солта“, книгата на Патриша Хајсмит, а премиерата е закажана за 20 ноември.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.