Црна Гора и Босна и Херцеговина во најскоро време во Виена ќе потпишат спогодба за заедничката граница, изјавија вчера претседателите на двете земји Филип Вујановиќ и Драган Човиќ, пренесе агенцијата Хина.
Црногорскиот претседател Филип Вујановиќ и Драган Човиќ, кој во моментов претседава со тричленото босанско претседателство, се сретнаа во Тиват, Црна Гора, каде разговараа за односите меѓу двете земји. Двајцата се согласија дека билатералните односи не се доведени во прашање од последниот спор за границата во реонот на Суторина, информира црногорската телевизија.
Суторина, регион што го добил името според истоимената река и село, зафаќа дел од јадранскиот брег и долина со шест града и села. Оваа територија ја оспорува Босна и Херцеговина, бидејќи била дел од неа во рамки на Австро-Унгарија и Југославија меѓу 1878 година и почетокот на 50-те години од минатиот век.
Драган Човиќ изјави дека спогодбата за демаркација на границата со Црна Гора ќе биде прва ваква спогодба што се потпишува со соседна земја.
Тој забележа дека Црна Гора постигнала значителен напредок на својот пат за членство во ЕУ.
-И ние треба да ја истуркаме земјата кон членство, посветеноста на БиХ кон евроатлантскиот пат е многу јасна, нема алтернатива за неа – рече претседателот на тричленото босанско претседателство.
Човиќ и посака успех на Црна Гора во нејзините амбиции до крајот на годината да се приклучи кон НАТО.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.