На големата сцена на плоштадот „Гоце Делчев“ во Струмица вечерва започнува четвртото издание на „Отворениот фестивал – Струмица 2015“.
Како што информираа од Организацискиот одбор на манифестацијата, сè е подготвено за почеток на фестивалот, кој ќе го отвори Трајче Ѓоргиев од пинковите ѕвездички и младите струмички таленти од СОУ „Јане Сандански“.
Главна ѕвезда на вечерта е хрватската и балканска естрадна ѕвезда Даниела Мартиновиќ, која ќе има целовечерен концерт, а првата ноќ од четвртиот „Отворен фестивал – Струмица 2015“ младите ќе ја поминат со музичките бравурии на диџеј Мосел од соседна Грција.
Утревечер, публиката и посетителите ќе уживаат во изведбите на Кристина Арнаудова и групите „Трио гранде“ и „Тропико бенд“. Вториот дел од вечерта ќе настапи Харис Џиновиќ, а за полноќното расположение ќе се погрижи и германскиот диџеј Том Нови.
Ѕвезда на третата и последна вечер на „Струмица опен фест“ е Петар Грашо. Пред стумичката публика и гостите ќе настапат и струмичката група „Јупитер“, „Либеро бенд“ и младиот босански талент од „Икс фактор“ Маид Хечимовиќ. Полноќните часови и затварањето на четвртиот фестивал ќе помине со музиката на диџеј Ромео Бланко од Белгија.
Организаторите се надеваат дека и годинава со изборот на ѕвездите што го направија струмичани, но и со надалеку познатото гостопримство, бројката од 200 илјади посетители ќе биде надмината.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.