Авионот е се поомилено превозно средство. Во идните две децении авионскиот сообраќај двојно ќе се зголеми. Последицата од тоа може да биде зголемување на т.н. ефект на стаклена градина, пишува германски „Дојче веле“.
Се смета дека околу 2,5 отсто од глобалната емисија на јаглерод диоксидот настанува во авионскиот сообраќај. Но, авионите го зголемуваат ефектот на стаклена градина и со тоа што автоматски исфрлуваат азотни и фосфорни оксиди, чад и водена пареа. Азотните оксиди во атмосферата формираат посебно опасен озон, а водената пареа создава кондензациски траги кои посебно навечер го зголемуваат наведениот ефект.
Германскиот Сојузен завод за заштита на животната средина УБА, смета дека тие ефекти од воздушниот сообраќај се два до пет пати поголеми од ефектите од емисијата на CO2 и дека затоа уделот на авиосообраќајот во глобалниот ефект на стаклената градина изнесува најмалку пет отсто.
Кога се работи за заштита на климата, авионот не е баш најповолно превозно средство. Според УБА, емисијата по лица и километар на лет во просек изнесува 196 грама CO2. За споредба, брз воз, според наводите на германската железница „Дојче бан“, произведува само 11 грама CO2 по лица и километар. Со други зборови, возењето со воз е најмалку 18-пати поздраво за животната средина.
Луѓето премалку знаат
Патниците по правило не се информирани за штетноста на летовите за климата. Кога купуваат карти на аеродромите или за време на летот, за тоа никој не ги известува. Тоа го прават специјализирани интернет портали на кои може да се пресмета емисијата на штетните гасови кога во предвидени полиња ќе се внесат податоци за типот на авионот и линијата на летот.
Така се гледа дека повратен лет на линија Берлин-Њујорк со „Боинг 747“ произведува 6.530 килограми CO2. Бидејќи авион на таа линија лета на голема височина и над окенаот, според пресметките на порталот Армосфер, ефектите по климата се посебно големи: 507 грама CO2 по лице и километар.
За корисниците се од помош и други информации кои ги нудат таквите портали. А германскиот Сојузен завод за заштита на животната средина советува дека во цел за заштита на климата, да се избегнуваат летови со авион. На патувања од средна должина се препорачуваат автобуси и возови. Ако летањето не може да се избегне, најдобро е да се одбере најкусата можна рута без прекачување, бидејќи полетувањето и слетувањето значат дополнително оптоварување за животната средина.
Со такса против загадувањето
Авиокомпаниите не плаќаат данок на промет и на керозинот. Во Германија, според податоците на Заводот за заштита на животната средина, авионските летови се субвенционирани со 10 милијарди евра годишно. Експертите бараат укинување на тие субвенции и префрлање на трошоците за заштита на климата на авионскиот сообраќај. Така треба да настане и фер конкуренција меѓу превозните средства.
За да биде развиена заштитата на климата во авионскиот сообраќај, сојузот на германските невладини организации бара воведување на специјални такси. Така авиокомпаниите до 2020 година треба да плаќаат 10 евра по тон емитуван јаглерод диоксид, а до 2030 година таа такса треба да се зголеми на 80 евра. Бидејќи, во неа тогаш би биле вклучени и други штетни ефекти за климата кои немаат врска со CO2. Тие би можеле да ја променат висината и коридорите на летот, со цел помалку да наштетуваат на климата.
Сојузот на организациите за заштита на животната средина, сообраќај и развој БУНД предлага приходите од тие такси директно да се проследуваат до Зелениот фонд за клима. Со тоа би можеле да се финансираат програми за намалување на емисиите на штетни гасови и мерки за заштита на климата во сиромашните земји.
Договор за заштита на климата во авионскиот сообраќај?
БУНД со своите предлози сака да ја анимира германската Влада подобро да ја заштитува климата во авионскиот сообраќај. Германското Министерство за сообраќај има намера до 2016 година да поднесе сеопфатен концепт за таква заштита. Организацијата за заштита на животната средина од Меѓународната организација за цивилен воздушен сообраќај очекува до 2016 година исто така да подготви светски систем за такси во авионскиот сообраќај, кој би требало да стапи на сила во 2020 година.
Европската унија сакаше уште од 2012 година авиокомпаниите да плаќаат посебни такси за интерконтиненталните летови. Но, тој предлог пропадна поради отпор на САД, Русија и Кина.
Сепак, се очекува Меѓународната организација за цивилен воздушен сообраќај да не даде значаен предлог за редукција на CO2 во воздушниот сообраќај, бидејќи тоа е интересна заедница во која своите интереси ги застапуваат министрите за сообраќај и претставниците на авиокомпаниите, тука не се размислува многу за намалување на штетните гасови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.