1.
„Немаме намера да бидеме пандан на Груевски. Тој ја практикува популистичката политика на уништено општество и на мачкање очи на јавноста. Не очекувајте ние да го правиме тоа. Нема да го правиме на ист начин со наше појавување на терен и на начин на кој го прави власта“.
Изјавата на Заев следува точно една година откако бомбастично најави дека 5.000 тимови на СДСМ ќе излезат на терен и од врата на врата ќе ги посетуваат сите домаќинства за да ги слушнат нивните проблеми. Неговата кратка меморија или порив за постојано лажење не значи дека граѓаните ја заборавија пораката што на 21 август 2014 година ја упати до нив. Заев им вети дека од тој ден СДСМ почнува да работи на нова стратегија за политичкото дејствување и дека наскоро ќе бидат посетени во нивните домови. Целосна поддршка на стратегијата дадоа сите избрани пратеници на СДСМ, кои ветија дека и покрај тоа што ќе дејствуваат надвор од парламентот, ќе работат на исполнување на барањата на граѓаните. До ден денес од тимовите на СДСМ нема ни глас ни абер. Не заѕвонија на ниту едно ѕвоно, не затропаа на ниту една врата. Дури ни кај Заев. Оттука сама по себе се наметнува дилемата кој ѝ мачка очи на јавноста? Тој што ги исполнува ветувањата на граѓаните или тој што безобразно ги лаже?
2.
И покрај оградувањето од популизмот, Заев признава дека начинот на кој Груевски ја промовира владината политика не е кршење на договорот од Пржино. Барем засега. Каков ќе биде неговиот став по ова прашање за неколку дена, никој не знае. Дури ни тој самиот. Но, ништо чудно да го промени мислењето, особено поради притисокот од неговите самоназначени советници од Соросовата групација, кои со денови наназад панично врескаат дека работата на терен не овозможувала фер и демократски избори.
3.
Додека владата активно ја промовира својата програма меѓу граѓаните, Заев е под сенка, а за тоа време успеа само да си го погази зборот за уште едно прашање. На крајот на минатиот месец, пред да заминат на одмор, Заев се закани дека без договор за обвинител до крајот на август нема враќање во Собрание. Месецот не е ниту на половина, преговорите не се ни почнати, а Заев потврди дека СДСМ влегува во Собрание. Која е причината за променетиот став овој пат? Каде исчезнаа заканите на Заев? Како и да е. Добро е што по 15 месеци откако ги добија мандатите од граѓаните, пратениците на СДСМ конечно ќе влезат во собранието. По 15 земени плати, првпат ќе се појават на работа на 1 септември.
4.
Отпуштениот однос на раководството на партијата во пресрет на предвремените избори оправдано загрижува многу симпатизери и членови СДСМ. Тие не го разбираат незаинтересираниот однос на Заев како одговор на активностите на терен на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Веројатно очекуваа од лидерот, конечно, да ги активира тимовите што ќе ја промовираат партиската програма со која ќе се бара довербата кај граѓаните. Идејата е добра, но за реализација недостигаат две работи: тимови и програма.
5.
Некои опозициски „експерти“ гордо го објавуваат својот заклучок дека ВМРО-ДПМНЕ ќе оди на победа на следните избори, за на таков начин Груевски да избегне кривична одговорност. Во обид да го оправдаат сопствениот неуспех мешаат баби и жаби. Прво, ВМРО-ДПМНЕ, како и секоја друга нормална партија во светот, оди на избори за да победи. Всушност, не постои друга партија (освен можеби СДСМ) која оди на избори за да загуби. Второ, нејасно е како и по сите нивни барања и услови вметнати во договорот од Пржино сѐ уште сметаат дека функцијата може некого да го стави над законите? Било тоа да е Груевски, Заев или некој трет. Ако стравувањата се основани, тогаш пропустот нема да биде кај тие што се извлекле, туку кај тие што не знаеле што треба да направат за да го спречат.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Заев: Размислуваме за законска измена за справување со кучињата
-
Заев: Македонско-грчката комисија ќе почне да работи откако ќе се ратификува Договорот од Преспа во двете земји
-
Помирување, со цел промена на името и Уставот на Република Македонија, не е прифатливо
-
Ја турка ли СДСМ државата во меѓународен блам?



