| четврток, 6 декември 2018 |

Нов повик за обука на 500 невработени лица кај познат работодавец

Петстотини невработени лица ќе се здобијат со вештини и знаења преку новиот јавен повик за обука кај познат работодавец што денеска го најави министерот за труд и социјална политика Диме Спасов при посетата на компанијата „Дока текстил“ во Валандово.

– Оваа мерка носи поволности за невработените лица кои може да се здобијат со вештини и знаења што се бараат на пазарот на труд и побрзо и полесно да стигнат до своето работно место, а од друга страна, пак, поволностите за приватните компани се да најдат соодветен кадар, да го обучат и понатаму да ја искористат мерката „Македонија вработува“, односно да бидат ослободени од плаќање социјални придонеси за секое вработено лице преку оваа мерка – изјави Спасов.

За реализација на обуката ќе бидат одвоени околу 11 милиони денари.

Директорот на Агенција за вработување Влатко Поповски рече дека обуката кај познат работодавач со текот на времето се прилагодувала на потребите на работодавачите и најави дека во иднина ќе се направат уште повеќе прилагодувања со тоа што ќе се одвојат полесните од потешките обуки. Обуките ќе траат и до шест месеци во зависност од нивната тежина.

– Преку оваа мерка не само што ќе можат да се обучат, туку ќе можат и да добијат ослободувања од пакетот „Македонија вработува“ од 3 до 5 години во зависност во која старосна група се односно дали припаѓаат на групата на ранливи категории – истакна Поповски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top