Реконструиран пат, пуштена во употреба пречистителна станица и започнување со изградба на нова спортска сала се трите проекти во прилепско вредни 1 милион евра кои ги реализира Владата како дадено ветување пред граѓаните.
– Го пуштивме патот Мраморани-Дупјачани инвестиција вредна 22 милиони денари, кој многу му значи на населението. Во Секирци ја пуштивме во употреба новата канализација со пречистителна станица, проект вреден 13 милиони денари, а во Кривогаштани започнавме нов проект, градба на спортска сала во вредност од 24 милиони денари. Сè на сè околу еден милион евра инвестиција во овие населени места. Ова е значајно за луѓето и тоа се наши ветувања дадени таму. Тоа што сме го ветиле, сега го испорачуваме, истакна денес премиерот Никола Груевски по посетата на прилепскиот регион.
Во ОУ „Манчу Матак“ во Кривогаштани денес започна изградбата на новата спортска сала која ќе се гради на површина од 650 метри квадратни, ќе биде опремена со најмодерна спортска опрема, посебни простории за наставниците по спорт и спортски активности и ќе биде оспособена да се користи за повеќе видови на спорт.
– Оваа сала е дел од големиот проект на Владата за изградба на 145 училишни спортски сали низ целата територија на Македонија. Во рамките на овој проект досега се изградени 47 спортски сали за кои се инвестирани околу 23 милиони евра со што се подобрени условите за спорт и рекреација на околу 40.000 ученици ширум Македонија, рече премиерот Груевски, по поставувањето на камен-темелникот.
Во селото Секирци беше пуштена во употреба пречистителната станица и фекалната канализација во должина од три километри, проект кој како што рече Груевски, значи поголема урбанизација на селото, напуштање на јамите, поголема заштита на подземните води и повисок квалитет на живот за локалното население.
Во рамки на посетата во прилепско, премиерот го пушти во употреба и реконструираниот локален пат од Дупјачани до Мраморани во должина од пет километри, пат кој е еден од наjфреквентните во општина Долнени.
– Токму преку овој пат комуницираат голем број жители од Дупјачани, Забрчани, Мраморани, Небрегово, Дреновци, Десово, Сенокос и околните населени места. Воедно овој пат е еден од најискористените за влез кон Прилеп, а токму големата искористеност била очигледна причина за големи оштетувања во минатото, рече премиерот Груевски.
Премиерот нагласи дека проектите на Владата продолжуваат да се реализираат со одлична динамика и одлично темпо и најави дека следниот период ќе следува реализација на уште повеќе проекти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Орбан: Немам време да дишам, а не пак да се сретнам со Груевски
-
Орбан: Сорос е впуштен во прогонот против Груевски, а тој е мој соработник!
-
Груевски: Добив сознание дека ми се подготвува ликвидација
-
Коалицијата „Сите за правично судење“ ја оспорува професионалноста на МВР за обезбедување на Груевски