| четврток, 6 декември 2018 |

Хилари Клинтон на ФБИ ќе му го предаде серверот од нејзината е-пошта

Поранешниот државен секретар на САД, Хилари Клинтон се согласи, на американското ФБИ да му го предаде серверот од својата приватна електронската пошта, што го користела во времето кога раководеше со Стејт департментот.

klinton hilari

ФБИ подолго време води истрага за тоа дали доверливи службени информации биле испраќани преку нејзината приватна е-пошта, и дали таквите информации се „складирани“ во серверот.

Клинтон, која учествува во трката за номинација за кандидат на Демократската партија за претседателските избори во 2016 година, претходно, на Стејт департментот му предаде неколку десетици илјади електронски пораки и писма, но не и серверот, преку кој тие биле испраќани.

Нејзините адвокати прифатија, исто така, да ги предадат своите мемориски стикови, кои содржат копии од електронската комуникација на Клинтон.

Користењето на приватната е-пошта за службената комуникација, во време кога таа беше државен секретар на САД, предизвиква бројни критики и осуди во американаката јавност, посебно откако таа влезе во претседателската трка.

Истражувањето што е направено, покажува дека сѐ повеќе Американци сметаат дека Хилари Клинтон погрешила кога водела службена комуникација преку приватната електронска пошта и ја оценуваат како „недоверлива личност“ кога станува збор за нејзните претседателски амбиции.

Според амерканските сојузни закони, целата коресподенција на државните функционери е сопственост на Владата на САД.

Функционерите на американската администрација се обврзани да ја користат само службената електронска пошта, кога станува збор за службената комуникација, иако некои функционери во минатото ги користеле и своите приватни адреси.

Стејт депратментот досега објави голем број од писмата и од пораките на Клинтон од времето кога таа беше дел од Администрацијата, но вчера, Министерството соопшти дека дел од она што поранешниот државен секретар го има предадено, нема да се објавува затоа што „содржи државни тајни“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top