Премиерот Никола Груевски денеска официјално го пушти во употреба локалниот пат од Дупјачани до Мраморани во должина од пет километри, кој е еден од најфреквентните патишта во општина Долнени, а за чија изградба се инвестирани 22 милиони денари.
– Токму преку овој пат комуницираат голем број жители од Дупјачани, Забрчани, Мраморани, Небрегово, Дреновци, Десово, Сенокос и околните населени места. Воедно, овој пат е еден од најискористените за влез кон Прилеп, а токму големата искористеност била очигледна причина за големи оштетувања во минатото – рече премиерот Груевски.
Посочи дека при доаѓањето кон Дупјачани забележал дека на делот од патот што не е реконструиран има дупки и побарал од министерот Владо Мисајловски веднаш да се санираат. Нагласи дека едно од главните барања на жителите од овој регион било што поскоро да се направи патот од Дупјачани до Мраморани и додаде дека тоа што го ветиле дека ќе го направат и го исполниле.
– Тоа што го ветивме пред изборите тоа и го реализиравме. Ние сме Влада што држи до дадениот збор. Се преиспитуваме пред нешто да ветиме, а тоа што сме го ветиле и го извршуваме. Така беше во минатото, така ќе биде и во иднина – рече премиерот Груевски.
Тој истакна дека разликата од новиот пат со претходниот е очигледна и дека сега патот нуди многу подобри услови за побезбедно одвивање на сообраќајот, посигурен превоз на луѓе и стока и го скратува времето на патување помеѓу населените места и Прилеп.
Претходно во општина Долнени премиерот Груевски ја пушти во употреба пречистителната станица и фекалната канализација во должина од три километри во селото Секирци, за чија реализација Владата одвои 13 милиони денари.
– Овој проект значи поголема урбанизација на селото, напуштање на старите јами, поголема заштита на подземните води и повисок квалитет на животот на локалното население. Овој проект го ветивме во минатото и го реализиравме – рече Груевски.
Потсети дека во општина Долнени со помош на Владата е завршена реконструкцијата на училиштата во Кошино и во Дреновци и е доизградена гимназијата и спортската сала во Житоше, отворен е Центар за ран детски развој во Десово, изграден е мостот во селото Сливје….
Најави дека кон крајот на годината е планирано да почне со реконструкција и проширување на регионалниот пат Лажани – Ропотово – Црнилиште, асфалтирање на патот од местото викано Рибник до Бело Поле, изградба на канализациски систем во селото Црнилиште, како и канализациски систем во Ропотово, што ќе се реализира следната година. Покрај тоа, за следната година, како што кажа, планирана е изградба и на спортска сала во Долнени, уредување на просторот каде што се одржува Фестивалот на народни песни и игри „Пеце Атанасовски“ и многу други проекти.
Градоначалникот на Општина Долнени Боше Милошески истакна дека изградбата на патниот правец од Дупјачани до Мраморани била ветена за време на кампањата за локалните избори во 2013 година и додаде дека изградбата на овој патен правец многу значи за локалните жители.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Орбан: Немам време да дишам, а не пак да се сретнам со Груевски
-
Орбан: Сорос е впуштен во прогонот против Груевски, а тој е мој соработник!
-
Груевски: Добив сознание дека ми се подготвува ликвидација
-
Коалицијата „Сите за правично судење“ ја оспорува професионалноста на МВР за обезбедување на Груевски