| четврток, 6 декември 2018 |

Балетската претстава „5 до 12“ на Игор Киров утревечер на „Охридско лето“

Киров за неговото последно остварување рече дека е резултат на соработка на проверен тим, со Кирил Џајковски и Александар Ношпал како костимограф, секако и врвните уметнички вредности на балетските уметници од ХНК во Сплит

Балетскиот спектакл „5 до 12“ на нашиот истакнат уметник Игор Киров, на музика на Кирил Џајковски, а во изведба на Балетскиот ансамбл при „Хрватското народно казалиште“ од Сплит, утревечер премиерно ќе биде изведен пред фестивалската публика на „Охридско лето“.

5 do 12

 

Селекторот на музичката програма на „Охридско лето“, Гордана Јосифова­Неделковска, најавувајќи ја утрешната балетска претстава „5 до 12“, потсети дека исклучително позитивните критики на стручната јавност по нејзината неодамнешна премиерната изведба во Сплит, како и овациите од страна на публиката, се гаранција за несекојдневното доживување што ѝ се нуди и на фестивалската публика во Охрид. ­

– Станува збор за исклучително балетско остварување, за интересна приказна со посебна порака, со магични коцки што го претставуваат животот и начинот, за тоа како се донесуваат одлуките низ животното патување – истакна таа.

Кореографот на „5 до 12“, Игор Киров, за своето последно остварување рече дека е резултат на соработката на проверен тим, на соработката со Кирил Џајковски и со Александар Ношпал како костимограф, секако и на врвните уметнички вредности на балетските уметници од ХНК во Сплит. ­

– Зошто „5 до 12“? Затоа што на овие балкански простори одлуките се носат во последен миг. Животот е една коцка и кога таа ќе се преврти на еден начин, тоа што го добиваме е начинот на кој и го живееме животот – рече Киров.

Киров истакна дека одлуката Џајковски да ја прави музиката за делото, произлегува оттаму што авторот создава музика базирана врз некој пристап што ѝ е познат на публиката од Љубљана до Гевгелија. ­

– Музиката на Кирил е добро позната на овие простори, а истовремено со тие етнопримеси одлично соодветствува на пораката што сакав да ја пренесам со осмислувањето на ова дело – рече Киров.

За соработката со ХНК од Сплит, тој истакна дека уште при првата средба со балетските уметници од Хрватска, ја препознал нивната желба за работа на едно поинакво балетско остварување, едно модерно дело. Директорот на ХНК од Сплит, Динко Богданиќ, инаку и самиот познат хрватски кореограф и балетски играч со светско реноме, рече дека одлуката за соработката со Игор Киров била донесена уште кога како член на жири­-комисијата на фестивалот „Минијатури“ во Белград го препознал неговиот талент. ­

– Ова е првпат по 40 години еден македонски кореограф да поставува балетско дело во Хрватска. Киров преку интензивна седумнеделна напорна работа со нашите уметници, инаку танчари кои пред сѐ изведуваат класични балетски дела, успеа со нив да изгради посебен однос и се надевам дека публиката тоа ќе го препознае, исто како што тоа беше со премиерната изведба во Сплит – рече Богданиќ.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top