Авион на американската компанија „Делта ерлајнс“ бил принуден да слета во Денвер откако на небото над Небраска влетал во силно невреме кое дури и откинал дел од леталото. Авионот летал од Бостон за Солт Лејк Сити,а според тамошните медиуми, невремето било толку силно што испукало ветробранското стакло од пилотската кабина, а отпаднал и дел од носот на авионот.
Пеколот на небото траел десет минути, а за сето време патниците панично врескале и плачеле.
– Често летам со авион, но ова беа најстрашните десет минути во мојот живот – раскажува патникот Робин Џоунс.
Според други патници, турбуленциите биле толку силни што авионот го фрлале како плута во разбранувано море. Еден патник дури бил примен во болница по слетувањето поради претрпен шок.
Благодарение на присебноста на посадата на авионот, која брзо реагирала во итната ситуација, леталото за само неколку минути успешно се приземјило во Денвер. Претходно почнало нагло да се спушта, па за помалку од две минути изминало повеќе од 4.200 метри.
Леталото на пистата било пречекано од бројни интервентни возила, а патниците не можеле да веруваат кога виделе во каква состојба бил авионот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.