Покрај двете плажи на Преспанското Езеро, заврши и изградбата на плажите во Дојран, а наскоро ќе почне и изградба на плажата Лагадин во Охрид.
Премиерот Никола Груевски денеска при пуштањето во упорреба на новата плажа во Стење најави дека продолжуваат владините проекти за континуиран развој на туризмот. Плажата во Стење за која инвестицијата е околу 950.000 евра, зафаќа 500 метри со сите потребни содржини како ресторани, кафулиња, места за спасувачи, инфраструктура, чадори, лежалки… Останува општината преку Комуналното претпријатие да објави оглас за концесионер за да има фирма која ќе се грижи за одржување на плажата.
– За Охрид планираме изградба на уште неколку други плажи. Дел по дел секоја година по една до две плажи во сите три езера предвидено е да се прават, рече Груевски.
Според него, во првите пет месеци од 2015-та зголемен е бројот на туристи од 8,3 отсто, а на странските за 17 проценти.
– Значајно е што компанијата ТАВ која ги концесионира двата македонски аеродрома неодамна објави податок дека во јули имале зголемување на бројот на патници за 28 проценти споредбено со истиот месец лани. Во првите седум месеци оваа година споредено со истиот период минатата имаат зголемување на бројот на патници за 17 отсто. Сите овие инвестиции што ги правиме даваат резултати. Туристите и од странство се повеќе доаѓаат во Македонија, подвлече претседателот на Владата.
Од 2007 до 2014, додаде, удвоен е број на туристи во Македонија, а со зголемувањето годинава, пораст е повеќе од 100 отсто.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.