| четврток, 6 декември 2018 |

Нова програма за прекугранична соработка на Грција и на Македонија

грц

Населението од пет региони во Грција и четири во Македонија ќе имаат придобивки од новата програма за прекугранична соработка поддржана од ЕУ, што беше усвоена денеска.

Програмата „Интерег ИПА“ изнесува повеќе од 45 милиони евра, од кои речиси 39 милиони евра се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА) на Европската унија.

Со Програмата за прекугранична соработка на ИПА ќе бидат опфатени грчките региони Флорина (Лерин), Пела, Килкис (Кукуш), Серес (Сер) и Солун, како и пелагонискиот, вардарскиот, југоисточниот и југозападниот регион во Македонија. Програмата ја спроведува грчкото Министерство за економија, инфраструктура, поморство и туризам.

Според Канцеларијата на ЕУ во Македонија, програмата ќе помогне во креирање работни места, подобрување на јавниот транспорт и здравствени услуги, како и заштита на животната средина и културното наследство во регионите.

– Програмата има за цел да отвори можности за вработување преку истражување на компаративните предности на прекуграничната област. Инвестициите ќе помогнат во подобрување на превентивната здравствена заштита и социјални услуги за деца и постарото население. Програмата исто така ќе им помогне на регионите да работат заедно во промовирањето на туризмот во прекуграничната област и во создавањето нови работни места во овој сектор- се вели во соопштението од Канцеларијата на ЕУ во Скопје.

Фокусот на инвестициите, според соопштението, ќе биде и на надградба на јавната инфраструктура за да се скрати времето на патување. Мерките за заштита на животната средина во рамки на програмата ќе поддржат одржливо управување со отпад како и заштита на еко-системите и биодиверзитетот. Програмата, исто така, ќе помогне во спречување, намалување и управување со ризикот од природни катастрофи.

– Програмите за прекугранична соработка обезбедуваат конкретни мерки за подобрување на квалитетот на животот и нудат нови економски можности и работни места за населението што живее во пограничните региони на Европската унија и нејзините соседи. Овие програми претставуваат можност за регионите да изнајдат заеднички решенија за споделени предизвици- изјави Корина Крету, комесар за регионални политики.

Приоритети на програмата се развој и поддршка на локалната економија и заштита на животната средина-транспорт.

Вториот програмски период на Програмата за прекугранична соработка на ИПА 2014-2020 година има буџет во износ од околу 484 милиони евра, инвестирани во 12 програми за прекугранична соработка меѓу региони, како и територијални, општествени и економски партнери.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top