| четврток, 6 декември 2018 |

Уште еден инцидент со залутан куршум во Гостиварско

Скршено стакло од прозорец и помали оштетувања на инвентар е последниот случај кој е регистриран во Гостиварско, откако заталкан куршум завршил во летна кујна.

Според СВР Тетово, половина час по полноќ звук на кршење стакло ги вознемирил домашните во куќа во селото Долна Бањица. Набрзо потоа сопственикот Љ.Л. (52) пријавил во полиција дека во летната кујна од домот нашол зрно од куршум. По извршениот увид било утврдено дека станува збор за проектил од огнено оружје, кој најверојатно бил истрелан од непозната локација. Зрното е подигнато и дадено на вештачење и се работи на откривање кој и од каде пукал.

Во овој, последен во низата вакви инциденти нема повредени, а штетата е мала. Во изминатите три недели во Гостиварско се регистрирани четири случаи на оштетувања од заталкани куршуми кои најверојатно се последица на недозволена употреба на огнено оружје на семејни веселби. Во еден таков случај десетгодишно дете го загуби животот откако беше погодено во глава од заталкан куршум.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top