Дубаи, познат по своите екстравагантни дизајни и високи температури, најави дека ќе го гради најголемиот затворен ски центар во светот со 1.2 километарска патека.
Емиратите веќе имаат скијачка патека со должина од 400 метри, која беше пуштена во 2005 година во „Mall of the Emirates“. Патеката работи во текот на целата година, иако летните температури во Дубаи достигнуваат 45 степени целзиусови.
Новиот затворен ски центар е дел од проектот „Meydan One“, кој ја вклучува и изградбата на највисоката станбена кула во светот со височина 711 метри, фонтана, чиј воден млаз достигнува висина до 420 метри, огромен трговски центар, луксузен хотел со 350 соби и пристаниште за јахти.
Проектот е во вредност од 6,8 милијарди долари, а се очекува да го зафати подрачјето од пистата за коњски трки „Meydan“ до највисоката зграда во светот Бурџ Халифа.
Првата фаза од проектот треба да заврши во следните пет години, кога Дубаи ќе биде домаќин на Светската изложба 2020 година.
Вкупно 13,2 милиони туристи го посетиле Дубаи во 2014 година, а од Емиратите имаат поставено амбициозна цел од 20 милиони посетители до 2020 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.