Големото засилување кое ова лето го доведе ЖРК Вардар, српската репрезентативка Сања Дамњановиќ треба да биде последната алка во тимот кој оваа сезона ќе атакува на европскиот трон.
По двете полуфиналиња кои ЖРК Вардар ги одигра на фајналфор турнирот, со Дамњановиќ се надева дека ќе успее да ја освои европската титула.
Таа го напушти Виборг за да прејде во редовите на „црвено-црните“. Левиот бек не го крие задоволството и првите впечатоци во тимот каде е одлично примена од страна на избраничките на тренерот Индира Кастратовиќ.
– Презадоволна сум од почетокот на оваа авантура, со оглед на фактот дека дојдов во клуб што е исклучително професионален. Претходно и Виборг го држеше тоа ниво на професионализам, но одлично е да се знае дека и на Балканот има клубови во кои буквално се е на свое место, а на ракометарките е само да излезат на терен и да играат. За Вардар имав слушнато се најдобро пред да дојдам, од Андреа Лекиќ и од уште неколку ракометарки, но ова што го гледам е уште повеќе од сите оние убави работи што ги слушав во изминатиот период. Презадоволна сум од изборот што го направив и сега ми останува само уште најдобро што можам да се подготвам за новата сезона – изјави Сања Дамњановиќ.
рпската интернационалка е свесна дека големината на клубот носи и највисоки очекувања, а целта е јасна – искачување на врвот на Европа со трофеј во Лигата на шампионите.
„Јас не би играла ракомет доколку не би била оптимист за да одам на победа буквално на секој натпревар. Будуќност лани имаше одлична сезона и заслужено стигна до титулата, но ова ќе биде нова сезона во која се почнува од почеток. Треба да се подготвиме најдобро што можеме, настапот во ЛШ ќе биде долг, но верувам дека имаме квалитет за да се бориме за првото место“ -заврши Дамњановиќ.
Таа утре ќе биде презентирана на македонската јавност на прес-конференцијата што ја закажа клубот во 12.30 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.