Најтрофејниот македонски филмски режисер Милчо Манчевски е претседател на жирито на 68. филмски фестивал во Локарно, Швајцарија, еден од петте најголеми светски фестивали од А-категорија, што трае од 5 до 15 август 2015 година.
Милчо Манчевски е на чело на жирито на селекцијата „Леопарди на утрешнината“, за кратки и среднометражни филмови, една од четирите официјални селекции за награди на фестивалот. Во „Леопарди на утрешнината“ се прикажуваат дела од млади автори.
– Почестен сум да бидам дел од фестивал прочуен по промоцијата на нов талент и авторски уметнички филмови – изјавил Манчевски.
Во чест на Манчевски, на фестивалот ќе биде прикажан и неговиот филм „Мајки“.
Фестивалот во Локарно, што се отвори на 5 август со светската премиера на „Рики и екипата“ на оскаровецот Џонатан Деми со Мерил Стрип, е прославен по проекциите на отворено. На главниот плоштад има гледалиште од 9.000 места.
Во конкуренцијата долгометражни филмови за престижниот „Златен леопард“ годинава се 19 филмови, меѓу кои и на реномирани автори како Шантал Акерман, Отар Јоселијани, Андреј Жулавски, Атина Цангари. Специјални награди годинава ќе добијат италијанскиот режисер Марко Белокјо и американскиот актер Едвард Нортон.
Манчевски, и самиот лауреат на венецискиот „Златен лав“, и на 50-на други фестивалски награди, учествувал во бројни жирија на светските фестивали, меѓу кои и во Венеција, Сараево, Варшава, Вилнус и други.
Неодамна, со англиско и македонско издание излезе и голема монографија посветена на творештвото на Манчевски.
Филмовите на Манчевски се предаваат на стотици универзитети, а во Италија „Пред дождот“ е дел од задолжителната наставна програма во средните училишта. Неговите филмови се обработуваат во бројни есеи, книги и филмски енциклопедии; прикажани се на над 200 фестивали, но и во над 50 земји на сите континенти во редовна кино-дистрибуција и на ТВ програмата.
Покрај неговите активности како сценарист, режисер, писател и фотограф, тој веќе подолго време се занимава и со образовна дејност на светските универзитети, како раководител со Катедрата за режија на постдипломските студии при Њујоршкиот универзитет, но и со предавања и продукциски проекти на рускиот државен универзитет ВГИК во Москва (каде на Манчевски му беше доделен почесен докторат), универзитетот Јејл, Кинотеката во Ханој, Кинотеката во Болоња, германскиот државен филмски универзитет Бабелсберг (Германија), Бразил, Сингапур, Индија и други, соопштија од „Банана филм“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.