Трабзонспор е фаворит и покрај поразот од Работнички во Скопје од 0-1, а романтичарите одат на реваншот со солидна предност и со јасна цел да се обидат да го елиминираат турскиот тим во третата квалификациска рунда на патот до Европа Лигата на УЕФА.
„Притисокот ќе биде на плеќите на домашниот тим. Трабзонспор останува фаворит, имаат екстраскап состав, но Работнички покажа во Скопје дека не се предава и дека може рамноправно да игра и со побогатите клубови. Посакувам да постигнеме гол во раната фаза и со тоа да го зголемиме притисокот кај играчите на Трабзонспор. Во фокусот на вниманите секако ќе биде Оскар Кардозо, играч кој многу го ценам и кој е опасен во скок играта и одлично ги изведува слободните удари. Трабзонспор има многу скапи и квалитетни играчи, но имињата не секогаш победуваат. Се надевам дека нема да игра турскиот репрезентативец Екичи. Тој е главната алка во тимот и играч кој има силен удар и одличен центаршут. Не носиме бело знаме во Турција, иако сме свесни за големината на клуб каков што е Трабзонспор“, изјави за „Република“ Игор Ангеловски, непосредно пред заминувањето за Турција.
Реваншот се игра утре од 19 часот, а предноста на Работнички е 1-0 од првиот меч.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.