Доењето е многу значајно за новите поколенија. Со завршувањето на деветмесечното породилно отсуство не значи дека треба да заврши и доењето. Ова се дел од пораките што денеска на прес-конференција по повод Светската недела на доење ги упатија доктори од неколку здравствени установи.
Oсновното мото на Светската недела на доење, која се одбележува од 1 до 7 август, е „Доење и работа, да го направиме тоа реалност“.
Директорката на Клиниката за детски болести и претседател на Здружението на педијатрите на Македонија, Аспазија Софијанова рече дека мајчиното млеко претставува божји благослов бидејќи, како што истакна, во првите шест месеци т.н. ексклузивно доење значи правилен раст и развој за новороденчето.
Директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, Марија Хаџи Лега укажа на нови проекти меѓу кои е и отворањето лактариум за мајчино млеко за предвремено родени на одделението за интензивна нега при Клиниката. Посочи дека со тоа им се овозможува на предвремено родените бебиња како највулнерабилната категорија да го искусат мајчиното млеко уште во текот на престојот во болницата. Таа го нагласи концептот на кој интензивно работи Клиниката за гинекологија и акушерство, а тое е подготовката за отворањето на банката за мајчино млеко во просториите на таа јавна здравствена установа.
– Ќе се даде можност доенчињата кои се лишени од мајчиното млеко да имаат некаква можност, да имаат пристап до донирано мајчино млеко од донори мајки кои доброволно ќе го донираат своето мајчино млеко кое претходно ќе биде тестирано за потребите на овие вулнерабилни категории новороденчиња кои се хоспитализирани на Одделот за неонатална интензивна нега и терапија – додаде Хаџи Лега.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.