Еднократна парична помош од по 30.000 денари државата ќе им исплати на семејствата зафатени со силното невреме во Тетовско, а специјална Комисија ќе ја проценува состојбата со оштетените имоти на терен. Одлуката за помош на семејствата ја донесе денеска Владата на седница посветена за состојбите во Тетовско.
Во невремето, кое одзеде четири човечки животи, според првичните проценки, значително се оштетени околу 200 објекти. Комисијата во рок од ден-два ќе утврдува список на семејства кај што ќе биде доделена еднократна парична помош, по што ќе продолжи со проценка на целото оштетување на имотите од поплавите со што ќе биде утврдена и висината на штетата и помошта што ќе ја даде Владата.
Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски информира дека Агенцијата за конфискуван имот, согласно заклучоците од седницата, ќе додели помош за семејствата со различна опрема, обувки, алишта и се што има на располагање и што може да биде од корист. Ќе биде отворена и посебна сметка за донации за помош, а формирано е и координативно тело кое ќе ги менаџира активностите што ќе следат за справување со последиците од невремето.
– Центарот за јавно здравје во Тетово, пак, ќе ја следи состојбата со исправноста на водата за пиење и поплавените улици, рече министерот за животна средина Нурхан Изаири.
Утре и задутре, како што информира тетовската градоначалничка Теута Арифи, ќе бидат прогласени за ден на жалост. Синоќешното невреме е една од најголемите несреќи во Тетово по последните 30 години, рече Арифи. Помош за Општина Тетово веќе испратиле Град Скопје, општините Чаир, Струмица и Велес.
Вицепремиерот Пешевски потенцира дека веднаш по елементарната непогода во Тетовскиот регион се преземени сите итни и можни активности за помош. Вклучени беа сите надлежни институции, а Тетовско го посети и владин тим предводен од премиерот Никола Груевски.
– Уште во текот на раните утрински часови како резултат на посетата и одговорот на сите институции беа преземени низа чекори и мерки со цел да се надмине состојбата предизвикана од оваа елементарна непогода. Беше ангажирана сета потребна тешка градежна механизација, багери, камиони, кипери, се што е потребно за на терен да се расчистуваат патиштата, инфраструктурата и да се обезбеди пристап до сите населени места, рече Пешевски.
Во текот на ноќта беа доставени и првите количини вода за пиење во местата каде за тоа имаше потреба, а издадени се и насоки за дистрибуција на вода во наредниот период бидејќи во неколку од населените места има целосен прекин на водоводната мрежа. Има индикации, потенцира Пешевски, дека некаде можеби и водата не е за пиење. Доставени се и определени количини храна со цел да се надмине нарушеното снабдување, а екипи на Брзата помош уште од вечерните часови беа лоцирани на потребните пунктови каде што пружаа помош.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.