Со концерт на групата „Љубојна“ и македонски виртуоз на кларинет Исмаил Лумановски вечер во 21 часот, во театарот на античкиот локалитет „Хераклеа“ ќе биде затворено 45. јубилејно издание на Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“.
Свеченото затворање ќе почне со доделување на наградите за најдобрите фолклорни групи и ансамбли кои во изминатите фестивалски денови понудија изворни, автентични и селектирани обработени фолклорни содржини инспирирани од изворните, а потоа во чест на наградените ќе биде приреден целовечерен концерт.
Во изминатите четири денови на фестивалот во Битола продефилираа околу 1.000 учесници, членови на КУД од државата, ансамблот „Македонка“ од Торонто, Канада и гости од Полска, Романија, Италија, Хрватска и Србија, кои синоќа на плоштадот „Магнолија“ приредија незаборавна интернационална вечер.
Во рамки на фестивалот се одржаа повеќе придружни манифестации, работилница и изложба по повод јубилејот 40 години Државна изложба на детски ликовни творби на тема „Народната култура како трајна инспирација во моето творештво“.
Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ се одржува под покровителство на Собрание на Република Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.