Парадоксална драма во која двајца старци се расправаат за последното гробно место во едно запустено македонско село. Ова е главната линија на „Борба за смрт“, новиот македонски краткометражен филм, кој ќе почне да се снима на први август во мариовското село Кален.
Сценариото и режијата се на младата и наградувана македонска филмска авторка Елеонора Венинова, која вели дека приказната за ова остварување е инспирирана од лична приказна поврзана со нејзиниот дедо.
– Тој во последните години од животот инсистираше да си купи гробно место уште додека е жив и тоа во одбран дел од гробиштата. Тоа, во комбинација со реалноста на живеењето во изумрените македонски села, каде неколкуте останати дедовци и бабички живеат сосема сами и осамени, ме натера да размислувам што ќе се случи ако на некој таков човек кој животот го свел на исчекување на смртта, одеднаш некој му го уништи планот за умирачка – вели Венинова и додава дека затоа, нејзиниот нов филм „Борба за смрт“ е драма која во самата суштина е парадоксална, како што е и впрочем и живеењето во Македонија.
Во улогата на двајцата дедовци се актерите Мите Грозданов и Илија Струмениковски. Обата лика се убедени дека гробното место помеѓу гробовите на нивните најблиски е нивно и никој не сака да попушти, па одлучуваат да останат покрај гробот додека еден од нив не умре.
„Борба за смрт“ се реализира во продукција на „ДНФ филмс“, продуцент е Гоце Кралевски, директор на фотографија е Димо Попов.
– Се радувам што ќе работам со Венинова, која е млада и талентирана филмска авторка, но и со членовите на целата екипа, составена од различни генерации кои ги обединува страста кон филмот. Очекувам да реализираме вредно филмско македонско дело – вели продуцентот Кралевски.
Сценариото за филмот учестуваше на неколку работилници за развој на кратки филмови во Литванија, Романија и во Грција. Минатата година освои и награда за најдобро сценарио на „Драма пичинг лаб“, работилница која се одржува во рамките на Интернационалниот фестивал за краток филм во Драма, Грција.
„Борба за смрт“ го финансира Агенција за филм на Република Македонија, а поддржан е и од телевизја „Канал 5“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
„Борба за смрт“ со телевизиска дистрибуција во Европа, САД и Азија
-
Продолжува успехот по фестивали на краткометражниот филм „Борба за смрт“
-
Проекција на краткометражниот филм „Мрачни часови: Ноар приказна“ во Кинотека на Македонија
-
Заврши снимањето на краткометражниот филм „Борба за смрт“ (фотогалерија)